Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и го отвори патот на Аргентина да повлече 800 милиони долари за да ѝ помогне на нејзиното економско закрепнување, објавувајќи дека програмата за кредитирање е „цврсто на вистинскиот пат“.
Аргентина има програма од 44 милијарди долари со ММФ, која вклучува економски цели поврзани со растот, инфлациа и девизните резерви. Во вчерашното соопштение ММФ наведе дека неговиот Извршен одбор го завршил осмиот преглед на тој аранжман.
„По завршувањето на прегледот, Извршниот одбор оцени дека програмата е цврсто на вистинскиот пат, со сите квантитативни критериуми за успешност исполнети до крајот на март 2024 година“, објави ММФ.
Тој, исто така, додаде дека за одржување на овој напредок ќе биде потребно подобрување на квалитетот на фискалното прилагодување, преземање чекори кон подобрена рамка на монетарната и девизната политика и спроведување на рефрми за раст.
Аргентинската влада најави дека ќе започне разговори со ММФ за нова програма.
Одобрувањето од ММФ доаѓа откако аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, кој ја презеде функцијата во декември, спроведе опсежни фискални реформи и сериозно ги ограничи владините трошоци за да се справи со троцифрената инфлација, намалената економија и негативните девизни резерви.
Промените што ги воведе и помогнаа на Аргентина да ги врати исцрпените девизни резерви, да постигне фискални суфицити на почетокот на годината и да ја стабилизира својата валута, пезосот.
Месечната стапка на инфлација во Аргентина во мај беше најниска од 2022 година, покажаа официјалните податоци во четвртокот, намалувајќи се петти месец по ред на 4,2 отсто благодарение на мерките за штедење на слободарката Милеи.
Сепак, тамошната влада се соочува со предизвици, бидејќи економијата запира и нивото на сиромаштија расте. Во средата избувнаа протести во главниот град поради понатамошни реформи кои предвидуваат буџетски кратења.
Пакетот реформи предложени од Милеи за заживување на заболената економија во земјата вклучува проглсување вонредна состојба, намалување на пензиите и намалување на работничките права.
ММФ забележува дека Аргентина ќе има потреба од континуирани напори за поддршка на ранливите и постигнување „агилно“ креирање политики во иднина.