Државниот завод за ревизија(ДЗР) изврши ревизија на усогласеност на тема „Плати и додатоци на плати на административните службеници во Република Северна Македонија“, со која се опфатија платите и додатоците на плати на административните службеници за период од 2021 до 2023 година.
Со ревизијата се опфатени 14 министерства и 22 институции, меѓу кои и институции каде определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници се регулирани со посебни закони. Констатирано е дека Владата продолжува со реорганизација на јавните институции и засилување на нивниот капацитет заради воспоставување на унифициран и кохерентен систем на плати во јавниот сектор, преку изработка на стратегии за реформа на јавната администрација и нови законски предлози, но од страна на Собранието истите се уште не се донесени.
Со извршената ревизијата на информациониот систем за управувае со човечки ресурси во јавниот сектор воспоставен во МИОА, се утврди дека модулот за пресметка на плати се користи само од 29 институции, додека модулот за управување со учинокот не се користи воопшто. Ваквата состојба ја доведува во прашање оправданоста на набавката и одржувањето на системот, како и ефикасноста на планирање на развојот и унапредувањето на вработените во јавниот сектор, а со тоа и на платите во јавниот сектор.
Во однос на плановите за вработување со кои институциите ги планираат потребните годишни вработувања констатирано е дека не се донени во законски утврдените рокови, што влијае на степенот на реализација на вработувањата. Во 2021 година реализирани се само 19,5% од вкупно планираните вработувања, додека во 2022 година реализирани се само 16%.
Извршената анализа на вработувањата во опфатените 36 институции покажа дека планирањето на нови вработувања е фокусирано на неопределено време, а не и за вработувања на определено време и привремените вработувања преку агенции за привремени вработувања. Во периодот од 2021 до септември 2023 година, во овие институции беа вработени вкупно 3,384 лица, од ко 1,012 на неопределено време, 468 на определено време, 1,424 привремено и 480 преземени од други органи.
Ваквите состојби создаваат ризик од ненавремена и нецелосна реализација на целите и надлежностите на институциите во државата, поради што ревизијата е на мислење дека постои потреба од преиспитување на законски утврдените рокови за одобрување на плановите за вработување.
Утврдени се разлики во висината на платите за исти работни места во различни институции, како резултат на различните законски и колективни договори врз основа на кои се утврдува висината н бодот на административните службеници.
Платите во министерствата се најниски, бидејќи се уредени според Законот за административни службеници, додека во другите институции платите се уредени на начин различен од наведениот закон со што се создаваат разлики во платите за истиот вид на работни места.
Иако Законот за исплата на платите овозможува месечно зголемување до 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, со ревизијата утврдивме дека во период од 2021 до 2023 година и покрај тоа што стапката на трошоците за живот е зголемена од 0,1% до 2,8%, не е извршено месечно зголемување на платите од 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, во рамките на обезбедените средства.
Исто така, констатирано е дека иако законската рамка дозволува исплата на додатоци за прекувремена работа и прилагодување кон пазарот на труд, додатокот за прекувремена работа се исплаќа во само 26 од 36 институции, додека додатокот за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција. Ова уште пвеќе создава азлики висината на платите меѓу административните службеници и упатува на потреба за хармонизација на исплатата на додатоците, како што е предвидено во законската регулатива.
Ревизијата истакнува дека во јули 2023 година донесен е Општ колективен договор за јавниот сектор, каде пресметката на бруто плата е утврдена како производ од просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место со примена од 01.03.2025 година. Имајќи предвид дека во новиот Предлог закон за административни службеници е во Собраниска процедура каде начинот на пресметка на плата е уреден на друг начин, преку бодови, односно основната плата се состои од дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж, а вредноста на бодот се утврдува секоја година од страна на Владата, укажуваме дека постои потреба од усогласување на законот со Општиот колективен договор за јавниот сектор во делот на начинот на утврдување на платата.