Врз основа на пониската цена на гасот на берзите, Бислимоски вели дека е реално да се очекува пониска цената на парното во главниот град
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, очекува да има поевтинување на парното во Скопје во втората половина на јули. Тој во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 онува дека проекциите ги базира на цената на природниот гас.
„Сега цената на природниот гас, на најголемата европска берза, е на ниво од 33-34 евра за мегават-час. Пред неколку месеци, во февруари, беше 25-26 евра, но и со овие 33-34, во споредба со периодите во кои сме имале 300-350 евра, има сериозна можност да ја намалиме цената на парното во градот Скопје. Притоа, треба да се види сето тоа како ќе влијае, сега во проценти не можам да зборувам. Пристигнати се барањата на компаниите, нашите стручни служби ги работат, и во текот на јули ќе ја објавиме цената на парнот и реално очекувам да има намалување“,вели Бислимоски.
Тој вели дека Регулаторната комисија не ги носи одлуките за да се допадне на власта или не, туку дека тие се во согласност со методологии базирани на економски принципи.
360°: Се плашите ли дека сега ќе велат, еве Марко Бислимоски носи одлуки во прилог на новата влада?
Бислимоски: Сега, како да ви кажам, мене ми е интересно. Имавме период на намалување на цената на дизелот пред 2-3 недели, и велеа, еве се смени власта, одма сменивте. Им објаснувам јас дека има цени на берзи, и велат – a што расте сега последниве двапати, што правиме? Се обидувам да објаснувам, сакаме да бидеме транспарентни, бидејќи со секоја наша одлука влијаеме на граѓаните, на нивните трошоци, на нивните домашни буџети и сакам да објаснуваме дека правиме одлуки за цени коишто се во согласност со методологии базирани на економски принципи коишто се применуваат и во Европа и во САД и во Азија.