Цените на нафтата денеска продолжија да растат во азиската трговија, откако најновите податоци покажаа пад на залихите во САД, што ги зголеми надежите за солидна побарувачка во пресрет на летната туристичка сезона.
Северноморските фјучерси на Брент, кои се репер на европскиот пазар, додадоа 16 центи, или 0,2 отсто, на 85,60 долари за барел. Американската лесна сурова нафта (WTI) поскапе за 14 центи, или 0,2 отсто, на 82,95 долари за барел.
Двете сорти ја завршија вчерашната трговија со пониска цена, бидејќи заканата од ураганот Берил се повлече. Залихите на сурова нафта во САД паднаа за 9,163 милиони барели во последната недела од јуни, покажуваат податоците на Американскиот институт за нафта објавени вчера.
Сепак, залихите на бензин се зголемија за 2,468 милиони барели. Аналитичарите очекуваат пад од 700.000 барели сурова нафта и 1,3 милиони барели бензин. Во текот на денешниот ден ќе бидат објавени и ода од Агенцијата за енергетика на САД.
Побарувачката за бензин во САД се очекува да се зголеми како што се приближува летната туристичка сезона, при што Американската автомобилска асоцијација предвидува зголемување на туристичките патувања од 5,2 отсто од 2023 година.