Премиерот Христијан Мицкоски попладнево преку видеообраќање соопшти дека ја започна својата официјална посета на Вашингтон, која пред сè, се случува по повод 75 години од формирањето на НАТО-Алијансата. Освен во Вашингтон, македонската делегација во чиј состав се и министрите за одбрана, внатрешни и надворешни работи, ќе биде и во посета на Њујорк.
Мицкоски потенцира дека за време на посетата на Вашингтон ќе оствари голем број билатерални средби со државници од земји членки на Алијансата, а средби ќе има и со бизнис-заедницата во САД пред која ќе ги презентира потенцијалите за инвестирање што ги нуди Македонија.
„Ќе најавам уште една нова странска инвестиција на компанија којашто е дел од листата на најголемите петстотини компании овде во САД, нови десетици милиони евра инвестиција и нови работни места за македонските граѓани. Тоа е она коешто преставува основен приоритет на новата Влада во Македонија. Би сакал, исто така, да напоменам дека последните денови во Њујорк ќе ги искористам за средба со македонската дијаспора, македонските иселеници“,рече Мицкоски во видеообраќањето од Вашингтон. Посочи дека сака да ги слушне очекувањата кои македонската дијаспора ги има од новата Влада во земјава, но и дека пред нив ќе сподели што може Владата да им понуди на иселениците да се вратат во својата татковина за, како што вели, да ги избегнат пречките со кои се соочуваа изминатиот период при влегување во државата.
„Уште еднаш да се забаго на македонската јавност што нè следи изминатиот период и да ја охрабрам дека доаѓаат нови убави моменти за македонските граѓани. Ние на најдостоинствен начин, како што ни прилега, ќе ги претставуваме интересите на граѓаните и државата овде во Вашингтон , а потоа и во Њујорк“, додаде премиерот.