На 16 ти јули во 18 часот големопродажната цена на струјата на пазарот во Србија достигна 574,91 евро за мегават час.
Во тоа време тоа беше најскапата струја во Европа. Во Македонија чинеше 550 евра, во Романија 429,28 евра, во Унгарија 414 евра, во Бугарија и Грција 351 евро, покажуваат податоците на веб-страницата Energyflux.
Во Франција во тој момет еден мегават чинел 67 евра, а во Германија 63 евра.
Веќе во 19 часот цената на мегаватот во Србија скокна на 600 евра, а во околината на околу 560-580 евра.
Во 20 часот или во осум навечер цената на струјата на пазарот во Србија се приближува до нивото од 700 евра за мегават (693 евра), но затоа во Романија достигнува неверојатни 801 евро, а во Унгарија 775 евра. .
Во 21 часот мегават струја чини 733 евра во Романија, 705 евра во Унгарија, 550 евра во Србија, а во Бугарија и Грција 575 евра.
Од 22 часот пазарот почнува да се лади, цените се преполовуваат и во текот на ноќта се движат околу 100 евра за мегават.
Она што до сега беше речиси незамисливо, цената на струјата среде бел ден, на 40 степени, е пониска. На пример, вчера напладне мегават во Србија чинеше 95 евра, а во Романија, Унгарија и Грција 81 евро.
Овие цени не се оние што ги плаќаат граѓаните, туку оние што ги плаќаат увозниците на струја, пред сѐ компаниите за електрична енергија.
Вчерашната слика на пазарот на електрична енергија во регионот летово се повторува речиси секој ден, само вчерашните цени од 700 до 800 евра беа навистина екстремни, на ниво на оние од есента 2022 година седе енергетската криза во Европа.
Што всушност се случува? Енергетскиот експерт од Србија, Жељко Марковиќ, за весникот „Данас“ објаснува дека во вечерните часови со мрак и намалување на производството на електрична енергија од соларни капацитети се бара енергија од базните капацитети, како што се термоцентралите.
„Од 19 до 21 часот е врв во потрошувачката и затоа скока цената. Балканот е најмногу погоден од овие високи температури, поради што има најголема побарувачка на струја, а цената се одредува онаму каде што се вкрстуваат понудата и побарувачкта“, објаснува Марковиќ.
На пример, во Франција и Германија температурите се пријатни и нема потреба од толку многу енергија за ладење, поради што цените се значително пониски.
Во Србија, покрај топлинската енергија, на намаленото снабдување со електрична енергија влијаат и редовните ремонти на производствените капацитети.
Но, зошто тогаш струјата е значително поевтина во текот на денот, иако потрошувачката е рекордно висока?
Марковиќ објаснува дека тоа е последица на производството на струја од соларна енергија во Европа. Во некои моменти проиводството е толку големо што се бележат дури и негативни цени, односно производителите им плаќаат на клиентите да преземат струја.
Марковиќ забележува дека во текот на ноќта струјата сега е поскапа отколку во текот на денот и дека во одреден момент може да се очекува промена на тарифата за крајните потрошувачи.