Земјите во регионот ја зголемија минималната плата, а ние ќе почекаме до март наредната година. Во март 2025 година треба да се изврши усогласување на минималната плата со трошоците за живот, односно минималецот процентуално треба да порасне колку и инфлацијата. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека барале зголемување на н минималец на 450 евра согласно зголемување на платите во регионот. Црна Гора воведе две минимални плати за вработените во зависност од образованието. За оние со средно и пониско образование, минималецот ќе биде 600, а за вработените со више и повисоко образование од тоа – 800 евра. Минималната плата во Бугарија ќе се зголеми на околу 500 евра, а во Србија синдикатите на 15 август ќе почнуваат преговори за зголемување на минималецот од 400 евра на 528 евра.
-Ние како Синдикат баравме да се зголеми и нашата минимална плата согласно со зголемувањето на минималецот о регионот. Ние баравме минималецот да се зголеми во септември, а не да чекаме до март наредната година кога ќе има усогласување на минималната плата со трошоците за живот. Во земјите од регионот минималната плата се зголемува согласност со зголемувањето на инфлацијата, а ние треба да чекаме една година. Не можеме да чекаме до март ако цените се зголемат за поголем процент, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Радовски од ССМ.
Во однос на тоа за колкав процент ќе се зголеми минималецот во март, од ССМ велат дека тоа ќе го утврди Економско социјалниот совет рз основа на статистичките податоци, односно процентуалното зголемувањето на минималецот треба да биде колку инфлацијата.
-Со зголемување на минималната плата ќе се зголемат и другите плати согласно со коефициентот на сложеност на работното место. Тоа значи дека со зголемувањето на минималецот треба да се зголемат и другите плати и во јавниот и во приватниот сектор за толкав процент, додава Радовски.
Од ССМ потсетуваат дека во септември нема да има зголемување на платите на сите работници во јавниот сектор, туку ќе се зголемат платите само во оние дејности ки имаат потпишано колективни договори. Платите во јавниот сектор ќе растат по 15 проценти годишно, во текот на наредните четири години и Владата треба да предвиди пари во буџетот.
Црна Гора воведе две минимални плати за вработените во зависност од образованието. За оние со средно и пониско образование минималецот ќе биде 600, а за вработените со више и повисоко образование од тоа – 800 евра.
Воведување две минимални плати е дел од нацртот на фискалната стратегија на Владата, како и на политичката програма „Европа сега 2” за да може статистички да се дојде д просечна заработка од 1.000 евра. Премиерот Милојко Спајиќ ја поздрави одлуката за зголемување на минималната плата и рече дека ќе се бори за подобар стандард и достоинствен живот на сите граѓани.
Во 2020 година минималната плата изнесувала 222 евра, па со најавеното зголемување таа би се зголемила за речиси четирипати.
Според пресметките во Бугарија со зголемувањето од 15,4 отсто минималецот треба да биде околу 500 евра. Минималната плата таму се пресметува како 50 отсто од просечната бруто-плата во последните четири квартали.
Владата на Србија и претставници на српските синдикати и Унијата на работодавачи на 15 август ќе почнат преговори за зголемување на минималната плата во земјата. Од репрезентативниот синдикат во Србија предлагаат минималната плата да се зголеми од 400 на 528 евра.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во преговорите за висината на минималната плата ќе се „влезе максимално во интерес на работниците кои примаат минимална плата“.