Лидерската средба во скратен формат, со учество на лидерите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами ќе продолжи в понеделник во девет часот наутро, потврдија за МИА од Владата.
Премиерот и лидер на СДСМ упати покана до лидерите на ВМРО- ДПМНЕ, ДУИ и Беса за лидерската в понеделник во девет часот.
Лидерите на четирите партии ќе се обидат да ги испеглаат разликите и да постигнат договор за формирање на ДИК и прашањата поврзани со престојниот референдум, кој треба да се одржи наесен, а чија евентуална можна формулација ја соопшти Заев на првата лидерска во проширен формат – Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција.
На маса се очекува да бидат ставени и условите на ВМРО-ДПМНЕ – Законот за финансирање на партии, измени во Законот за Влада и измени во Кривичниот законик поврзани со амнестијата.
Учесниците на лидерската средбата во четвртокот не постигнаа договор, но како што изјавија по завршувањето на состанокот за некои прашања се приближиле, но за некои имало потешкотии во изнаоѓање заеднички став. Тие по таа средба порачаа дека очекуваат брзо да се најде решение за сите отворени прашања.
Заев тога потенцира дека компромиси не може да се прават околу стратешките цели на Македонија – влез во ЕУ и НАТО и за амнестијата, додека Мицкоски побара европско однесување не само на зборови, туку со дела.