Актуелно 20.12.2024 10:51

Учество на поранешниот Претседателот на Меѓународен балкански симпозиум

Учество на поранешниот Претседателот на Меѓународен балкански симпозиум

Поранешниот претседател Иванов учествуваше на Меѓународниот балкански симпозиум во организација на Универзитетот Намик Кемал во Текирдаг, Турција. Симпозиумот беше посветен на културата на соживот на Балканот за време на османлискиот период, а главни говорници на свеченото отворање на симпозиумот беа поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов и поранешниот претседател на Големото народно Собрание на Република Турција, проф. д-р Мустафа Шентоп.

Претседателот Иванов ја истакна сложеноста и богатството на културниот соживот меѓу различните етнички и верски заедници во нашиот регион. Тој посочи дека Османлиската империја, како мултиетничка, мултирелигиозна и мултијазична заедница, оставила длабоки траги во архитектурата, уметноста, фолклорот, кулинарството и општествените обичаи на Балканот. Иванов ја нагласи уникатноста на османлискиот милет-систем, кој поттикнувал почитување и прифаќање на различностите, модел кој се одразува и денес во мултиетничкото и мултирелигиозно македонско општество.

Претседателот Иванов исто така се осврна и на западноевропската перцепција која често го претставува Балканот како простор на постојани конфликти, игнорирајќи ги долгите периоди на мирна кохабитација и културна размена во регионот, што како позитивно искуство се рефлектира не само во културата, туку традициите и обичаите на балканските народи. Нагласи дека, иако историјата има свои предизвици, заедничките културни вредности се силен темел и за понатамошно градење на регионална хармонија.

Учесници на симпозиумот беа повеќе професори и научници од универзитети ширум Балканот, кои придонесоа со свои излагања на општата тема. Нивните презентации дадоа различни аспекти на темата преку уникатни перспективи, базирани на нивната академска експертиза и научна работа. Овој пристап овозможи размена на идеи и отвори плодна дискусија за интердисциплинарни анализи и нови погледи.