Доколку граѓаните и Собранието не го прифатат овој договор за името со Грција, идна влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го препреговара договорот и убеден сум дека ќе постигнеме подобар, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
– Јас сум апсолутно убеден дека може да се постигне подобар договор од овој со Грција. И сум апсолутно убеден да имаше Владата поинаква преговарачка позиција, можам и да ја објаснам во кое делови, дека ќе имаше подобар договор. Прво, не може да дозволите грчката страна да ангажира 60 меѓународни експерти, пред сè адвокати по меѓународно право и експерти по меѓународно право, вие да не ангажирате ниту еден и на крај да ангажирате еден. Не може да одите јавно со тактиките со кои ќе одите во преговорите и да ги знае другата страна, не може да менувате ставови секој месец и најбитно, не може да очекувате да постигнете договор и да очекувате тој договор да ви донесе покривање на политичките проблеми дома, затоа што во такви услови другата страна, а да не ја потценуваме грчката дипломатија е многу силна, ни ги знае сите слаби страни и тука удира. Сметам дека можеме да седнеме и да го препреговараме договорот, затоа што сметам дека е и во интерес на Грција да се реши ова прашање и не можам да се согласам дека Грците немаат никаков интерес да се реши ова прашање и можеме да постигнеме апсолутно подобар договор, договор кој нема да значи промена на Уставот на Република Македонија, вели Николоски за РСЕ.
Николовски порачува дека референдумското прашање мора да биде јасно и едноставно, односно граѓаните да одговорат дали се за или против договор кој ќе предизвика промена на уставното име.