Народната банка измери повеќе, Министерството за финансии помало учество на јавниот долг во вкупниот БДП годинава. Двете институции ја мерат истата сума, а имаат и исти проекции за растот на БДП годинава. Така, според финансии во првото тримесечје годинава јавниот долг во земјава е 47,6 отсто од БДП, НБМ пресмета дека е 48, 2 отсто од националниот бруто производ. Владата се надева на раст на економијата од 3,2 отсто годинава, а и во априлските проекции, централната банка тврдеше дека се очекува ист толкав раст. Ако не се оствари, за што веќе има очекувања, процентот на долгот во вкупниот БДП секако ќе е поголем во следниот период. Во првото тримесечје годинава македонскиот БДП порасна само 0,1 отсто.
За еден процент или за два разлика, позанавчите коментираат дека се е подобро што брзиот раст на долгот е зауздан. Но упатуваат на внимателност. Велат дека најважно сега е да се реализираат капиталните инвестиции предвидени за годинава и да се забрза растот.
Министерството за финансии денеска ќе позајми на домашниот пазар преку записи и обврзници нови 32,5 милиони евра. Поголем дел од парите повторно се враќаат назад со раздолжувањето. Од ресорот велат дека заклучно со првото полугодие јавниот долг изнесува 5,14 милијарди евра што е 47,7 отсто од БДП. Според нив во првиот квартал долгот бил 47,2 отсто од БДП.
„Јавниот долг бележи намалување во 2017 година, за првпат после 9 години, по што во 2018 година се задржува на тоа ниво. Претходните години јавниот долг беше брзорастечки и неодржлив. Од 2008 година тој рапидно растеше, за да во 2016 година истиот се дуплира, велат од Министерството за финансии.
Според НБМ вкупниот јавен долг во првиот квартал од 2018 година изнесува 48,2 проценти од БДП или за 0,6 проценти повеќе од претходниот квартал.
„Од структурен аспект, зголемувањето во целост се должи на повисокото надворешно задолжување, при пад на домашното задолжување. На годишна основа, вкупниот јавен долг, на крајот на првиот квартал од 2018 година, е повисок за 1,1 процентен поен од БДП во однос на истиот период од 2017 година, стои во Кварталниот извештај од НБМ.
Владата засега не планира ребаланс на буџетот, а неодамна и премиерот Зоран Заев изјави дека очекува предвидениот раст на БДП од 3,2 отсто да се оствари гдоинава. Од НБМ тврдат дека има надолни ризици во однос на оваа проекција, но дали ќе ја коригираат ќе зависи од резултатот за растот во вториот квартал. Ако БДП стагнира како и досега, долгот ќе биде и значајно повисок ако се мери според неговото учество во БДП