Економија 26.10.2018 22:45

Силен подем на американската економија

Силен подем на американската економија

По растот од 4.2 % во претходниот квартал, Одделот за трговија објави дека БДП во тримесечјето јули-септември покажало исто така силен раст од 3,5 проценти; а економистите предвидуваат годишна стапка од 3 % -најдобра за последниве 13 години

Американската економија во третиот квартал од годината пораснала со стапка од 3.5 проценти. Силната потрошувачка помогнала да се покријат загубите предизвикани од застојот во трговијата.

Одделот за трговија на САД денес објави дека растот на бруто-домашниот производ (БДП) во третиот квартал следи по силниот раст од 4.2 проценти во вториот квартал. Резултатите од двата последователни квартали се најдобри од 2014-та година наваму.

Денешните податоци се повисоки од проекциите на економистите и најверојатно ќе биде користени како факт дека економските политики на претседателот Доналд Трамп функционираат. Сепак, некои економисти се загрижени дека неодамнешниот пад на берзата може да биде предупредувачки сигнал за кризата што ќе уследи.

Извештајот за БДП, заедно со извештајот за невработеноста за октомври кој ќе биде објавен следната недела се сметаат за важна порака за гласачите пред делумните избори кои ќе се одржат на почетокот на ноември.

За годинава економистите предвидуваат раст од 3 проценти, најдобар раст за последниве 13 години. Сепак некои економисти веруваат дека ефектите од трговската војна со Кина и покачувањето на каматните стапки ќе го забават растот во 2019-та година на околу 2.4 проценти и на помалку од 2 проценти во 2020-та година.

„Мислам дека ќе видиме значително забавување, делумно поради тоа што економскиот раст се должи на вештачки создадени фактори, преку намалување на даноците“ вели економистот Сунг Вон Сон од компанијата „СС Економикс“ со седиште во Лос Анџелес.

Трамп во последниве недели ги нападна Федералните резерви заради зголемувањето на каматните стапки, тврдејќи дека повисоките каматни стапки ќе ги попречат неговите напори за забрзување на растот преку намалувањето на даноците.

Каматните стапки беа зголемени три пати годинава и од Федералните резерви сигнализираа уште едно зголемување до крајот на годинава, како и зголемување од три пати во 2019-та година.

Овие чекори се со цел да осигурат дека ниското ниво на невработеност и силниот пазари на труд нема да предизвикаат несакана инфлација.

Извештајот за БДП е прв од трите владини извештаи за вкупната економска активност за периодот јули – септември.