Актуелно 07.07.2023 09:30

Административците на работа во странство, земаат неплатен одмор, местото ги чека

Административците на работа во странство, земаат неплатен одмор, местото ги чека

Административците на големо земаат неплатен одмор од три месеци за летово да одат на сезонска работа во странство, главно во Хрватска. Речиси нема државна институција, јавно претпријатие и Општина каде не се потпишани решенија за неплатен одмор кои ги бараат вработените. Земаат по три месеци неплатено отсуство и плус користат по еден месец споено стар и нов одмор, за да можат да отидат во странство, главно на хрватското приморје и да работат по хотелите и рестораните за време на летната сезона.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу потврдува дека администрацијата на големо зема неплатен одмор и оди да работи на туристичките места. Само од неговото министерство годинава 15 лица зеле неплатен одмор.

„Само последниве неколку дена потпишав решенија за неплатен одмор на тројца вработени. Точно е дека заминуваат да работат во летните туристичките места, но законски не може да ги спречиме и да не им одобриме ваков вид отсуство. Оваа појава е лоша и на долг рок, бидејќи тие луѓе кои заминуваат, таму остваруваат контакти, добиваат понуди за друга работа и можеме да ги загубиме и вработените во јавниот сектор“, вели министерот Алиу.

Ниту една државна институција нема збирна евиденција колку точно административци зеле неплатен одмор. САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашање до повеќе министерства, институции и Општини колку вработени заминале на неплатен одмор. Од повеќето ни одговорија дека неплатен одмор користат дел од вработените и за нив знаат дека заминуваат да работат како сезонци.