Актуелно 04.09.2023 09:28

АХВ уверува дека цената на свинското месо нема да поскапи поради новиот случај на африканска свинска чума

АХВ уверува дека цената на свинското месо нема да поскапи поради новиот случај на африканска свинска чума

Уништувањето на 9 илјади свињи од фарма на истокот во која е откриена африканска чума, нема да ја зголеми цената на свинското месо. Од Агенцијата за храна и ветеринарство, велат, иако се работи за неколку илјади грла, нивното уништување, нема да влијае на пазарот. Можен бил мал недостиг, но тој, како што појаснуваат бил еднаков на вишокот месо кое завршувало во преработувачката индустрија.

„Се е под контрола, значи не треба да се прави од ова било какво политиканство и точно, негде од производството на домашно свежо месо, бидејќи нашата држава е увозно независна ќе се осети мал, можеби мал недостаток. Затоа, нема потреба од манипулирање со цени и зголемување на цените на свинското месо, бидејќи, нашите производители на свинско месо ги задоволуваат потребите и остануваше одреден вишок кој одеше во преработувачката индустрија. Е сега, тој вишок ќе го изгубиме“, изјави Николче Бабовски, Директор на АХВ.

Од Агенцијата велат внимателно била избрана локацијата каде треба да се закопаат свињите заразени со африканска чума, за како што појаснуваат, да се спречи ширење на болеста. Бабовски ги отфрла сомнежите за можна неточност на испитувањата правени од Ветеринарниот факултет, бидејќи како што вели, болеста е потврдена и на примероците испратени во лабораторија во Шпанија.

Во меѓувреме, опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека африканската свинска чума со голема брзина се шири низ државата. Сметаат дека Агенцијата за храна и ветеринарство не прават ништо да се спречи заразата.

„Осми ден свињите на фармата се оставени на милост и немилост, Осми ден постои сериозна закана болеста да се прошири насекаде ширум државата, а надлежни институции не преземаат ништо. Се прашуваме доколку не алармиравме за ваквата ситуација, до кога институциите ќе криеа дека е заразено едно од најголемите одгледувалишта за свињи во Македонија. Очигледно е дека Бабовски и АХВ немаат капацитет да се справат со болеста“, вели Цветан Трипуновски, Претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.

На 25ти минатиот месец беше откриена африканската чума во фармата со близу 10 илајди свињи. Болеста, првпат во земјава се појави во јануари лани во делчевско, и до денес се уништени околу 3,5 илјади свињи.