Стапката на невработеност од 47,6 отсто кај младата популација до 24 години го запали црвеното светло и кај меѓународните финансиски институции. Од Светска банка изразија голема загриженост за минималните вештини кои ги поседува работоспособното население во Македонија. На владата и посочија итно да започне со инвестирање во образување на квалификуван кадар кој веќе недостасува во стопанството.
„Треба да работите на мобилност на работната сила, луѓето да можат лесно да се селат од една на друга работа ако не е одржлива, да има мобилност низ сектори и низ региони. Треба да имаат адекватни вештини да можат да мигрираат во различни професии и да сменат работа ако има во друг регион“, рече Сања Маџаревиќ, виш економист на Светска банка.
Со помош на активни мерки за вработување, воведување на практиканство и давање финансиска подршка за започнување сопствен бизнис државата планира да ја зголеми вработеноста во земјава. А, продуцирањето на квалификуван кадар планира да го спроведе со поголема соработка помеѓу бизнис секторот и средните стручни училишта.
„Компаниите да си обезбедат можност да ги доедуцираат младите лица по завршување на образовниот процес или во тек на образованието како дуално образование со цел да имаат повеќе пракса особено за стручното образование.Македонија заборави дека стручното образование е основата каде децата и младите учат да работат“, рече Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.
Една од препораките која ги бара Европа од земјава за да биде рамноправен член на унијата е обезбедување на квалификувана работна сила. Но, на една од средбите помеѓу бизнисмените и власта, стопанствениците дадоа препорака да се престане со привлекувањето на странски инвестиции, бидејќи сметаат дека во земјава нема доволно стручен кадар кој ќе ги задоволи потребите на компаниите сместени во индустриските зони. Инаку, стапката на невработеност заклучно првите шест месеци од годинава е 21,1 отсто.