Сѐ уште во јавноста одекнува веста дека новото полугодие во Штип почна без 50 деца, кои со своите родители си заминале во странство. Но, ако малку се пребара по старите вести, ќе се види дека од овој град лани заминале 150 деца, а во 2018 година осумдесетина деца се отпишале од штипските градинки и училишта. Но, состојбата не е карактеристична само за Штип. Младите заминуваат од сите градови во државава.
Покрај отселувањето, кое масовно го намалува пазарот на трудот и сериозно ја загрозува иднината на земјата, и Македонија, како и другите европски земји, го следи трендот на негативни стапки на природен прираст.
Државниот завод за статистика вчера ги објави податоците за четвртиот квартал од 2023 година, а според нив и во последниот квартал од годината природниот прираст е негативен, овој пат за 843 лица, што значи за толку бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.
Порталот „Пари“ ги собра податоците од сите квартали во 2023 година и дојдовме до податок за негативен прираст од 3.425 лица во 2023 година, затоа што лани имало 16.313 живородени деца, а во истиот период бројот на умрени бил 19.738 луѓе.
Ако фрлиме поглед наназад и видиме што се случувало во изминативе 10 години, податоците покажуваат дека во 2013 година имало 23.138 живородени деца, што е дури 6.825 повеќе отколку во 2023 година. Тоа значи дека бројот на живородени деца во 2023 година е намален за 29,5 % во однос на 2013 година, што е буквално демографска катастрофа!
Година Живородени деца
2023 16313
2022 18073
2021 18648
2020 19031
2019 19845
2018 21333
2017 21754
2016 23002
2015 23075
2014 23596
2013 23138
А еве и еден уште пошокантен податок: пред 30 години, односно во 1994 година, бројот на живородени деца во Македонија бил 31.421! Дефинитивно, огромна разлика во споредба со 16.313 живородени деца во 2022 година.
ЗОШТО СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА БЕБИЊА?
Демографските аналитичари укажуваат на две причини поради кои се намалува бројот на живородени деца. Од една страна, тоа е сѐ помалиот интерес за многудетни семејства, сѐ подоцнежно стапување во брак, но и немање интерес за основање семејство. Од друга страна, тоа е отселувањето на младото население, кое создава семејство во туѓи држави.
Намалувањето на населението е повеќе од евидентно во демографските статистики. Државниот завод за статистика проценил дека на 31.12.2012 година сме имале 2.062.294 жители, а во 2022 – 1.829.954, или, населението се намалило за 232.340 жители! Тоа е повеќе од 11 %.
Демографите обраќаат внимание на тоа дека кога населението се отселува, се отселуваат жените во фертилниот период, односно се отселуваат млади луѓе. Тоа го потврдуваат и податоците од пописите. Во 2002 година вкупниот број млади на возраст од 15 до 29 години изнесувал 480.828 или 24 % од вкупното население. Според податоците од 2021 година, бројката за оваа категорија изнесува 326.733 или 18 % од вкупниот број на населението. Во рок од 20 години, бројот на младото население што е на возраст од 15 до 29 години е намален за речиси 150.000 граѓани. Но, истражувачката организација „Рекатор“ открива и дека податоците меѓу двата пописа покажуваат дека 100.000 граѓани што во 2002 година биле на возраст од 15 до 29 години не се евидентирани во Пописот од 2021 година. Очигледно, тие се отселиле.
Во документот за проекциите на населението до 2070 година, Државниот завод за статистика наведува дека ние немаме некоја прецизна евиденција за отселувањето на населението. Сепак, ДЗС дава одреден приказ за отселени граѓани во други држави, а и од него може да се види трендот на раст на отселувањето. Во периодот од 2015 до 2022 година, бројот на годишните отселувања станал повеќе од двојно поголем. Имено, во 2015 година се отселиле 767 граѓани, а во 2022 година се отселиле 1.905. Во тие 8 години, вкупниот број на отселени бил 6.176. Така барем велат податоците со кои располагаат статистичарите, иако е јасно дека таа бројка е поголема.
Отселени во други држави
Година Број на отселени
2022 1905
2021 1230
2020 937
2019 612
2018 414
2017 141
2016 440
2015 767
ПОВЕЌЕ УМИРААТ ОТКОЛКУ ШТО СЕ РАЃААТ
Неповолниот тренд на отселување и на раѓање доведе до тоа и 2023 година да ја завршиме со негативна стапка на природен прираст, што значи дека и во таа година бројот на живородените е помал од бројот на умрените, односно населението продолжило да се намалува. Колкава е стапката на природниот прираст во 2023 година, Државниот завод за статистика се уште нема податоци. Последните се за 2022 година и покажуваат дека стапката на природен прираст е минус 2,4 на 1.000 жители. Или, во апсолутни бројки, природниот прираст кај населението бил негативен и во градските подрачја е минус 3.488 лица, a во селските подрачја е минус 898 лица.
Годишните негативни стапки почнуваат од 2019 година, кога природниот прираст е минус 0,3 на 1.000 жители. Секако, најекстремното е во 2021 година, кога стапката на природен прираст е минус 5,4 на 1.000 жители. Но, ако погледнеме наназад, во 2010 година природниот прираст бил 2,5 на 1.000 жители.
Временска серија од 15 години: стапка на природен прираст на 1.000 жители
Година Природен прираст
2022 -2,4
2021 -5,4
2020 -3,2
2019 -0,3
2018 0,8
2017 0,7
2016 1,2
2015 1,3
2014 1,9
2013 1,9
2012 1,7
2011 1,6
2010 2,5
2009 2,3
2008 1,9
Инаку, како што објаснуваат од Државниот завод за статистика, стапката на природен прираст ја покажува разликата меѓу живородените деца и бројот на умрените лица во однос на просечниот број на населението на средината на годината за која се пресметува, пресметана на 1.000 жители.
Статистичарите не охрабруваат ни со бројките за очекувана принова во семејството. Вкупна стапка на фертилитет, која го покажува веројатниот просечен број на живородени деца што би ги родила една жена од набљудуваната генерација, во фертилниот период (15 – 49 години) е 1,59 живородени деца. Тоа значи дека жените во Македонија не раѓаат веќе ни по две деца. Притоа, и оваа бројка што оди накај две деца се изведува од помногудетните семејства во Западна Македонија. ()