Актуелно 01.02.2019 11:33

Алијансата и Беса ќе одат заедно со Илјаз Кадриу?

Алијансата и Беса ќе одат заедно со Илјаз Кадриу?

Одлуката на Демократската унија за Албанците да не коалицира со СДСМ туку да настапи со самостоен кандидат на претседателските избори, беше дочекан со аплауз во другите политички партии со албански предзнак. Од Алијансата за Албанците иронично апелираат кандидатот на ДУИ да биде Албанец алудирајќи на долгото консензуално договарање со социјалдемократите, пишува пораталот nezavisen.mk

„Не би сакале да веруваме дека оваа нивна одлука дојде како последица на затворената врата и презир кон ДУИ во однос на нивната лажна идеја за консензуален кандидат со СДСМ, а во минатото со ВМРО-ДПМНЕ. Се надеваме дека одлуката на ДУИ се должи на предизвикот на претседателот Зијадин Села упатен јавно преку медиумите за соочување со ДУИ. Бидејќи ДУИ го прифати овој предизвик, ги охрабруваме да го прифатат и другиот – распишување на предвремени парламентарни избори“, велат од партијата.

Во опозицискиот дел од Беса веќе понудија сите албански партии да имаат еден заеднички кандидат со цел да се факторизирал гласот на етничките Албанци.

„Во тој контекст, подготвени сме за соработка со сите што размислуваат како нас“, велат од Беса на Билал Касами.

Таа нивна идеја, според информациите што стигнуваат зад кулисите, нема реална основа. Напротив, албанската опозиција, раководејќи се според рејтинзите и анкетите што самите ги подготвуваат, размислуваат за заеднички настап со цел во првиот круг од претседателските избори, да ја совладаат владејачката ДУИ што ќе биде показател на трендот што планираат да го заокружат со голема победа на парламентарните избори, кога и да се одржат.

Според информациите на „Независен весник“, дел од невладините здруженија, како и од албанската дијаспора, испратиле барање до Села и Касами да направат коалиција предложувајќи го Илјаз Кадриу за претседателски кандидат. Станува збор за потпретседател на едно од здруженијата на албанската дијаспора во САД.

„Во Беса одговорија позитивно, а Алијансата сè уште се нема изјаснето. Таква натпартиска личност што би имала капацитет да привлече гласови од неутралното и разочарано гласачко тело е добитна комбинација за добар резултат“, тврди нашиот соговорник.

Од Алијансата вчера ни рекоа дека не почнале разговори за соработка со Беса, но оставаат простор да дојде до тоа. За денеска е закажана седница на највисокото партиско тело и ќе се одлучуваат следните чекори.

Последните консултации траат и во македонскиот политички блок. Додека СДСМ бара уште малку време за размислување, а во ВМРО-ДПМНЕ трае огласот, помалите партии најавуваат соло мерење на силите.

Во Либерално-демократската партија велат дека прават стратегија за самостоен настап, но оти одлуката ќе зависи од развојот на политичката ситуација.

„Време има сè помалку, набргу ќе донесеме одлука“, ни изјави Горан Милевски, претседателот на ЛДП.

И во ДОМ тврдат дека сè уште не донеле конечна одлука навестувајќи дека в недела ќе имаат седница на централниот одбор.

„Имаме различни мислења и ставови, да оставиме членовите да се произнесат, да ги искажат нивните аргументи, па нив внатрепартиска дебата да го донесеме финалниот избор. Досега не сме разговарале со СДСМ, ниту со некој друг политички субјект, прво ние самите да одлучиме, а потоа ќе видиме дали има место за соработка“, ни рече Маја Морачанин, претседателката на ДОМ.

Движењето „Македонија блокира“ вчера попладне во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ поднесе кандидатура за претседател на државата. Нивен фаворит е Филип Петровски, кој постојано изнесува несогласување со актуелното раководство на најголемата опозициска партија.

Професорот Јове Кекеновски вели дека не планира да се пријави на конкурс во матичната партија бидејќи смета оти недостатоците на кои укажува не се исправени. Но остава можност да се кандидира како независен, односно со потпис на 10.000 граѓани.

Во ВМРО-ДПМНЕ вчера на полноќ истече последниот рок за кандидирање, но уште еден ден е оставен доколку некоја апликација била испратена по пошта. Се чека епилогот од најавениот дуел меѓу пратеникот Влатко Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска.

Шестите непосредни претседателски избори ќе се одржат на 21 април, а вториот круг треба да биде на 5 мај.

Најнови вести