Алкохолот во продажната мрежа ќе биде достапен за купување без ограничување. Со законски измени се укинува временото ограничување за купување алкохол во продавниците, кое беше воведено пред десетина години. Иницијативата е на бизнис заедницата, а поддршка доби од Владата и треба да го помине последниот филтер – Собранието. Граѓаните позитивно реагираат на предложените измени и слободната продажба на алкохолот без временско ограничување.
– Укинувањето на временските ограничувања за купување алколхол е позитивно бидејќи продавањето алкохол нема никогаш да се спречи. Луѓето, без разлика на возраста, ако сакаат да конзумираат алкохол, секогаш ќе најдат од каде да купат, вели седумнаесетгодишниот скопјанец А.М., кој раскажува за своето искуство со можноста за купување алкохол на малолетници во главниот град по 19 часот во зима и 21 часот во лето.
Кога сакавме да пиеме алкохол, претежно пиво или вино, вели тој, одевме во продавнички каде што после 21 часот илегално можевме да купиме.
– Во центарот на градот имаше околу шест – седум маалски локални продавнички кои продаваа алкохол, вели тој. Но, додава А.М., низ цело Скопје има вакви маалски продавници каде после забраната може да се купи алкохол, а малолетниците најчесто не ги враќаат.
Минатата недела беше најавено укинување на временските ограничувања за купување алкохол, но не и на лиценците кои беа воведени пред осум години. Ова искажување на овој млад скопјанец, пак, укажува дека освен овие мерки, институциите ќе треба да ги интензивираат инспекциите и да се казнуваат сопствениците и продавачите кои дозволуваат малолетници од кај нив да купат алкохол.
Владата на седницата во првата недела на мај најави измени на Законот за трговија, кои наскоро треба да влезат во собраниска процедура. Се предвидува укинување на ограничувањата на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и во малопродажните објекти во кои тоа беше забрането со законот од 2008 година.
Продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и понатаму ќе може да се врши во лиценцирани продажни објекти, но при тоа нема да се бараат посебни услови во продажниот објект за продажба на алкохолни пијалаци, ниту ќе се ограничуваат малопродажните објекти во кои ќе се врши продажбата. Ќе се дозволи продажба на алкохол и во киосците.
Која е причината за укинување на временото ограничување на продажба на алкохол?
Стопанската комора на Македонија во јули 2017 година до Владата достави барања за измени на Законот за трговија со кои, меѓу другото, бараше укинување на временото ограничување на продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата по 19, односно 21 часот и на лиценцата, која чини 20.000 денари за малопродажните трговски објект за две години, а за компаниите со над три продажни објекти 20.000 денари плус 0,05 отсто од вкупниот годишен промет. И покрај барањата на коморите и трговците, Владата одлучи да го тргне само временото ограничување и да го прошири опфатот на објекти каде што ќе се продава алкохол, но не и да ги укине лиценците.
Трговците сакаат целосно укинување на лиценците, додека прехранбениот сектор изземање на пивото и виното.
Здруженијата за трговија и Групацијата за производители на алкохолни, безалкохолни пијалаци и вода при СКМ повеќе пати во изминатите години укажуваше дека со ограничувањето на времето за купување алкохол и со лиценцирањето, се нанесува голема финансиска штета на малопродажните трговски фирми, на компаниите за трговија на големо, како и на компаниите од домашната индустрија за производство на ваков вид пијалаци, што негативно се одразува на нивниот развој и предизвика намалување на бројот на работни места.
Според показателите на комората, само во првите три години од воведувањето на забраната, вкупната загуба во буџетот на државата од ненаплатени акцизи и ДДВ од регистрираниот пад во домашната пивска индустрија е поголем од 14 милиони евра.
Државата сега од алкохолот на трговците им зема пари по три основи и тоа за лиценци, за ДДВ од 18 отсто, како и од акцизата која се пресметува според степенот на присуство на алкохол во пијалокот и количината. Со предлогот за укинување на ограничувањето на времето за продажба на алкохол, како што коментираат експертите, во добивка ќе бидат не само граѓаните, туку и државата бидејќи се продолжува времето за купување алкохол.
Во изминатите години, според комората, нанесена е и голема финансиска штета на производителите на вино, како и на винската индустрија во земјата, која заедно со лозарството, создава и до 20 отсто од годишниот БДП остварен во земјоделството и обезбедува егзистенција за околу 30.000 производители на грозје, на над 12.000 сезонски работници и на повеќе од 2.000 вработени во домашните винарници. Се бележи и намалување на продажбата на вино за повеќе од 10 отсто на годишно ниво.
Според сознанијата што СКМ ги доставила до Владата, ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа директно го стимулирала производството и трговијата со алкохолни пијалаци „на црно“, за кои не се плаќаат акцизи и даноци и кои се широко достапни за целокупното население, вклучувајќи ги и најмладите.
Еден од главните аргументи за воведување на овие рестрикции во продажбата на алкохолни пијалаци беше да се намали консумацијата на алкохол во земјата, особено кај младите. СКМ во предлогот се повикува на извештај на Институтот за јавно здравје од 2016 година, во кој се констаира дека консумацијата на алкохол за денес не е само појава кај возрасните лица, туку и кај младите луѓе чиј број од ден на ден станува се поголем.
Од таму нагласуваат дека во изминатите девет години од примената на оваа рестриктивна законска регулатива, не се понудени никакви емпириски докази дека таа остварила какво било влијание врз евентуално намалување на алкохолизмот во Република Македонија.
Нема докази дека ограничувањето за купување алкохол влијаело врз намалувањето на алкохолизмот
И од Министерството за економија истакнуваат дека по однос на ефектите и целите кои требаше да се постигнат со ограничувањата во продажбата на алкохолни пијалоци, нема докази дека со истата се остварени какви било влијанија врз евентуалното намалување на алкохолизмот во Република Македонија. Исто така, оценуваат, точно е дека Република Македонија има пониска стапка на консумација на алкохол по глава на жител во однос на другите земји во светот.
Статистичките податоци за потрошувачката на мало во Република Македонија покажуваат дека во 2015 година потрошувачката на алкохолни пијалоци изнесува 2.970.766.000 денари и тоа пиво 1.517.093.000,00 денари, вино 752.889.000,00 денари и други жестоки пијалоци 700.784.000,00 денари. Ако истата се спореди со потрошувачката на мало на алкохолни пијалоци во 2009 година од Министерството за економија велат дека ќе се види оти потрошувачката на алкохолни пијалоци е зголемена за 33,7 отсто, што од прилика е соодветно на зголемувањето на цените на истите во овој период. Потрошувачката на пиво е зголемена за двојно повеќе, односно за 79,2 отсто, потрошувачката на вино е двојно намалена, односно за 19,3 отсто, што укажува на евентуален пад на потрошувачка. Потрошувачката на други жестоки пијалоци е намалена за шест отсто.