Економија 19.11.2018 16:03

КАНАДСКИ„ЕУРОМАКС“ ГИ УБЕДУВА СТРУМИЧАНИ ДЕКА НЕМА ДА ЗАГАДУВА: Нема да се користи цијанид и сулфурна киселина во рудниците Иловица

КАНАДСКИ„ЕУРОМАКС“ ГИ УБЕДУВА СТРУМИЧАНИ ДЕКА НЕМА ДА ЗАГАДУВА: Нема да се користи цијанид и сулфурна киселина во рудниците Иловица

Компанијата „Еуромакс Ресоруцес“, концесионер на проектот Иловица – Штука соопшти дека пред речиси 200 жители од општините Босилово и Ново Село ги претставила економските придобивки и мерките за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето предвидени во проектот за рудникот Иловица-Штука. Со тоа Еуромакс продолжува со информативните средби со жителите од двете општини за постигнување заедничка согласност за отворање на рудникот Иловица – Штука.

На средбата во Струмица присуствувале жители од селата Иловица, Штука, Еднокуќево, Сушица, Радово , Зубово, Турново, Ново Село и Секирник, при што, од компанијата велат дека ги запознале присутните со потенцијалот на проектот Иловица – Штука како дел од определбата на компанијата за транспарентност во работењето.

Од компанијата додаваат дека присутните биле заинтересирани за еколошките мерки што се предвидуваат со проектот, евентуалното влијание на рудникот и инфраструктурата врз селата, како и влијанието врз економијата. Особен интерес присутните покажале околу работните места кои ќе ги овозможи рудникот, како и можностите за обука и едукација за високо квалификувани позиции.

„Среќни сме дека воспоставуваме конструктивна комуникација со жителите. Импресионирани сме од големиот број на присутни на вчерашната средба, дојдоа во значително поголем број од планираното. Тие покажаа голем интерес за нашиот проект и придобивките кои ги носиме. Сакаме да им објасниме дека нивното мислење ни е од голема важност за успешноста на проектот. Ќе продолжиме да одржуваме отворена комуникација со жителите, невладиниот сектор и со институциите во Македонија. Уште еднаш сакам да истакнам дека одржуваме постојана комуникација со локалните власти, со надлежните институции и со Владата. Работиме на спроведување на сето она што беше договорено на последната заедничка средба во јули “, вели Варшан Гокул, извршен директор на „Еуромакс Ресоурцес“.

На средбата со жителите било потенцирано дека уште при проектирањето на проектот в предвид се земени влијанието врз животната средина и здравјето на граѓаните.

„Овој проект е изработен од домашни, меѓународни експерти и професори и е во целосна согласност со македонските закони, најдобрите практики, како светските и ЕУ стандарди“, велат од компанијата и повторуваат дека нема да се користат цијанид и сулфурна киселина.

Посебна презентација на средбата со жителите била посветена за начинот и типот на експлозивни материи кои ќе се користат во рудникот. Од „Еуромакс“ објасниле и дека ќе нема загадување на животната средина и на водата, дека ќе се контролира прашината на сите патишта, дека постојано ќе се контролира квалитетот на водата и воздухот, ќе се употреби соодветна гео-текстилна мембрана во хидројаловиштето, стабилноста на насипот и максималното реискористување на водата при флотацијата.

„ Иловица – Штука ќе биде модерен рудник на можности од огромна важност за жителите и за општините Босилово и Ново село, но и за целокупната македонска економија, со тоа што ќе обезбедиме нови работни места, обуки и можност за развој на нови бизниси во регионот. Веќе имаме добиено над 1000 апликации за работа, иако немаме отворен повик за вработување. Сакаме да бидеме долгорочен економски партнер на локалната заедница и бизнисите, во наредните 20 години локално ќе се трошат околу 74 милиони евра годишно. Ќе бидеме партнери на Владата и на општините преку плаќање на 24 милиони евра даноци годишно, од кои 3 милиони евра ќе се влеваат директно во локалните општини по основ за концесиски надоместок, што претставува 40% зголемување на нивниот буџет. Подготвени сме да продолжиме со развој на проектот со поддршка и соработка со сите заинтересирани страни“, дополнува Гокул.

„Еуромакс“ ги повикува сите засегнати страни, вклучувајќи ги и граѓанските организации, да разговараат и да се информираат за овој рудник на можности.