-Во регионот на Централна и Источна Европа инфлацијата се сведе од 16% на 5%. Слична е ситуацијата и кај нас, каде што стапката на инфлација се намали на 3%, од највисокото ниво коешто достигна околу 20 отсто, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Таа истакнува дека последниот инфлациски шок не е од стандардна монетарна природа и дека многу фактори влијаеа, вклучително и нарушувањата во производството, трговијата, транспортот и цените на енергентите, коишто придонесоа за растот на инфлацијата. Сега се забележува стабилизација на овие фактори, што има позитивни ефекти врз инфлацијата.
Ангеловска-Бежоска посочува и дека и покрај затегнувањето на монетарната политика од страна на централните банки, финансискиот сектор е стабилен, што се должи на мерките преземени од страна на централните банки по Големата финансиска криза и стабилните биланси на банките со коишто влегоа во кризниот период.
-Банките влегоа во оваа криза со релативно солидна позиција, со силни капитални и ликвидносни заштитни слоеви, коишто главно беа изградени пред пандемијата и оттогаш се одржуваат, вели Ангеловска-Бежоска во интервјуто за „Еуромани“. ()