Актуелно 17.02.2019 12:11

Антикорупциска комисија: До изборите забранети се нови градби и вработувања

Антикорупциска комисија: До изборите забранети се нови градби и вработувања

Во периодот од распишување до оддржување на изборите за претседател и за градоначалник во неколку општини не смее да се почне било каква изградба на објекти со буџетски и јавни средства, не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати што не се редовни месечни исплати и не може да почне ниту постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, информира Државната комисија за спречување на корупцијата.

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување – велат од Антикорупциската комисија.

Од таму посочуваат дека во наведениот период не може да се почне градба на објекти како патишта, водоводи, далноводи, канализација, училишта, градинки и други објекти, а не може да се одржуваат ниту јавни настани по повод почнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал.

Под забрана за одржување јавни настани не се подразбира давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање – објаснуваат од Комисијата.

Дополнително, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи за потребите на изборната кампања, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста, додека особено забрано е вршење на притисок и заплашување на гласачите.