Левица, предводена од Димитар Апасиев тврди дека насилно била преземена Фејсбук страницата на партијата, но дека бил ,,спречен уште еден диригиран обид на власта за пуч во Левица”.
Во продолжение интегрално Ви го пренесуваме соопштението од Димитар Апасиев:
Скоро половина година работата во Левица беше целосно блокирана од една тесна група членови на Централниот комитет собрани околу т.н. троцкистичка фракција „Црвени“, а инструирани од надворешен центар на моќ. Фракцијата, со своите претесни и ограничени идеолошки погледи, на секој начин се обидуваше да се наметне и да доминира – а притоа нејзините врбувани членови со крајни напори се обидуваа да го закочат, минираат и саботираат делувањето и акционото единство на Левица, посебно околу процесите на нелегитимните уставни промени, важните национални политички прашања од поширок интерес поврзани со „Преспанскиот договор“ и со т.н. Закон за двојазичност.
Повеќемесечната политичка борба внатре во главните органи на партијата силно ги наруши персоналните меѓучовечки односи и довербата неповратно се изгуби, особено после нелегалниот обид за пуч и смена на легитимните партиски органи од страна на т.н. орган со истечен мандат. Притоа, сите обиди да се дојде до взаемен компромис пропаднаа, а оваа маргинална група од пет-шест луѓе остана рововски закопана во своите погубни политички ставови, кои немаа никакво одобрување од базата, тврдоглаво одбивајќи да го сообрази своето штетно делување со реалните прилики на современата стварност и не сакајќи да ги почитува одлуките на ЦК донесени со апсолутно мнозинство гласови. Истовремено беа откриени и серија финанскиски малверзации на дел од членовите на таа група, по што не остана никаков простор за можно заемно разбирање и идно заедничко политичко делување под истото борбено знаме и кауза.
Поради овие, како и многу други флагрантни тешки дисциплински повреди на Статутот, легалните партиски органи решија да се консолидираат и оваа деструктивна група да ја исклучи од раководството на партијата, а на дел од нив да им го замрзне членството во Левица. По овие неколкумесечни смислени тензии и интерни превирања – за кои е симптоматично тоа што секогаш се појавуваат за време на некој важен предизборен период, а се диригирани од власта која по четврти пат се обидува да ја растури Левица, сега преку врбување на луѓе кои повеќе од една година беа целосно пасивни и отсутни од јавниот дискурс – конечно партијата, еднаш-засекогаш, расчистува со овие штетни структури кои свесно го опстриураат и кочат нејзиниот иден развој и напредок.
Од денес Левица се враќа на правилниот курс, посплотена од било кога, како единствена реална опција за работниот народ и за сите непривилегирани и обесправени слоеви од населението во нашата Република. Во меѓувреме, правиме напори и за враќање на илегално преземениот фб пејџ, се вели во соопштението потпишано од Апасиев.