Економија 09.11.2018 15:59

Арсовски: Европската комисија потврди дека економијата оди надоле

Арсовски: Европската комисија потврди дека економијата оди надоле

Вчера пристигна уште една потврда од Европската комисија дека економијата секојдневно оди во надолна линија и пропаѓа, изјави на прес-конференција портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Европската комисија во есенскиот извештај објави ревидиран извештај каде што според нивните проекции ја намалија проценката за растот на БДП од 3.1 осто на 2.1 отсто, односно за цел 1 процент помалку. Иако релевантните институции во текот на првата половина на годината беа оптимисти дека годината ќе се заврши порастот на БДП над 3 отсто, ние бевме убедени уште тогаш и уште од почетокот на годината предупредувавме дека оваа неспособна Влада на СДСМ ќе ја дотера економијата до крах и ќе ги донесе граѓаните и компаниите на работ на егзистенцијата“, рече Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека лошите економски политики, непосветеноста на реалните економски политики од страна на Владата, лошата реализација на капиталните инвестиции, како и најавата на лошите реформи за даночниот систем, се само малкуте од причините за лошите резултати на полето на економијата до сега но и оние кои што следат во наредниот период.

„Задолжувањата ги преминаа сите можни граници, а ниту еден проект не е реализиран. Република Македонија на крајот на годината ќе има убедливо најлош раст на БДП во регионот. За жал сликата ќе биде иста како и минатата година, сите земји од регионот ќе се пред нас, а ние ќе сме убедливо на дното. Од земја која беше лидер во регионот во економска политика, сега се тркаламе на дното“, рече Арсовски.

Додаде дека некој мора да понесе одговорност за лошата економска ситуација во државата и побара од министерот за финансии Драган Тевдовски да поднесе оставка уште веднаш.