Mакедонската економија колабира, од ден во ден запаѓа во се поголеми неволји. Граѓаните осиромашуваат, а власта се расфрла купувајќи лубриканти и делејќи милионски тендери на блиските соработници. Владата на СДСМ денес ги задолжува граѓаните за нови 54 милиони евра, пари кои ќе треба да ги враќаме ние и нашите идни генерации. Наместо да се разденува, како што велеа СДСМ дека во 2018 година ќе и се разденело на економијава во нашава држава, за жал, компаниите и економијата во Република Македонија не видоа бел ден од Владата на СДСМ. Психолошката граница на задолжувања одамна е пробиена, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски и додаде:
„Манипулациите на Заев и Тевдовски дека впрочем ја раздолжуваат државата не поминуваат веќе кај граѓаните. Денеска Тевдовски и СДСМ ја задолжуваат Република Македонија за 54 милиони евра, а во наредните недели планирано е раздолжување од 37 милиони евра, што значи дека нето задолжувањето е во износ од 17 милиони евра не земајќи ги каматите. Вкупниот јавен долг на Република Македонија на крајот на вториот квартал од 2018 година изнесува 48,8% од БДП, што претставува зголемување за 0,6% во однос на претходниот квартал, а со новите задолжувања се очекува и драматичен пораст и на државниот долг на Република Македонија. Црното економско трио Заев, Тевдовски, Анѓушев за неполни две години успеаја целосно да ја урнисаат македонската економија, а граѓаните да ги донесат на работ на должничко ропство.“
-Очигледно Заев и Тевдовски ја згрешиле работата. Наместо да расте задолжувањето требаше да растат капиталните инвестиции и БДП. Но за жал, СДСМ во поглед на економијата прават се обратно од тоа што треба да го прават. ММФ дури и ги намалува проекциите за раст на БДП на ниски 1.6%. За последниот квартал реализацијата на капиталните инвестиции изнесува очајни 21%, нема изградба на 500 километри автопат, нема нови училишта и градинки, Клиничкиот Центар за жал нема да се гради.ВМРО-ДПМНЕ бара уште веднаш да запрат со непродуктивните трошоци и огромните задолжувања, како и бараме намалување на акцизата за горивата. Ова се работи кои се неопходни да ги направи СДСМ уште веднаш. Парите на граѓаните наместо за продуктивни трошоци се трошат за лубриканти, луксузирање, хедонизам и пропаганда за неуспешниот референдум. Само како пример цената на дизелот за литар порасна за цели 26 денари од денот кога СДСМ ја презеде власта во Република Македонија па се до денес. Расипничкото трошење на парите на граѓаните мора веднаш да запре, потенцираше Арсовски.