Цели три години Заев, Шеќеринска, Димитров, Пендаровски не убедуваа дека сите надворешни прашања се затворени, ова денеска преку прес-конференција го истакна Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Овие денови нивната политика доживува фијаско на надворешен план. Што би рекле народски, заради шарлатанството на СДСМ, граѓаните фигуративно останаа со куси ракави, односно ништо од ветувањата на Заев и Шеќеринска дека ќе не внесат во ЕУ. Жалосно е што трпи целата држава и целиот народ заради егзибициите на тројца-четворица залутани политичари во Владата кои немаат ниту грам одговорност и срам. Да се потсетиме преку едно видео што говореше Шеќеринска во септември 2017-та година. Шеќеринска тогаш ветуваше дека договорот за добрососедство ќе ја движи напред земјата, дека поддршката од нашиот сосед на патот кон ЕУ е огромна и слично, а денес гледаме блокада. Очигледно ветувањата што ги давале Шеќеринска, Заев и останатите биле преголеми за да може тоа да го поднесе бугарската страна, бидејќи биле изневерени, вели Арсовски.
Тој додава дека затоа, уште еднаш сакаме да прашаме.
-Што договориле во Берлин, односно што прифатиле, Заев, Димитров, Пендаровски и Шеќеринска? Која е цената која треба да ја плати македонскиот народ и Република Македонија, заснована на ветувања и распродавањата од страна на Заев и останативе политичари на македонските национални интереси и интересите на граѓаните? Што прифатиле СДСМ во однос на историјата и историските личности? Дали можеби се откажале од се што е македонско и се поврзува со националниот идентитет врз кои почива, а тоа се историските личности и случувања? Впрочем, ако се изразиме со неартикулисаниот крик на Димитров, “Срамота е луѓе” што криете од сопствениот народ што сте се договориле и што сте ветиле. Оваа блокада е единствено вина на неспособната, пазарџиска и шарлатанска политика на меѓународен план на СДСМ и Заев. Затоа е потребна Влада на национален спас и тоа веднаш, за да не испере од овој срам кој ни го нанесоа СДСМ, вели Арсовски.