Актуелно 22.01.2019 17:25

Арсовски: Заев, Анѓушев и Сугарески треба да се засрамат и да прекинат да промовираат проекти на ВМРО-ДПМНЕ

Арсовски: Заев, Анѓушев и Сугарески треба да се засрамат и да прекинат да промовираат проекти на ВМРО-ДПМНЕ

Очигледно на Заев многу нагло му дојде чист воздух на Алпите во Гармиш-Партенкирхен. Ако поседеше уште малце на чист воздух, можеби ќе ветеше и 2.000 километри автопат. Зоран Заев, Кочо Анѓушев и Горан Сугарески после 2 цели години спиење и неработење ништо, нереализирање на ниту еден проект, треба да се засрамат и да прекинат да промовираат проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Денешната прес конференција на ова катастрофално трио од владата, беше само промоција на сите инфраструктурни проекти кои се започнати од страна на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Овие неработници потрошија неполна година стопирајќи се што беше започнато од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, за сега повторно да ги продолжат истите проекти и да ги промовираат. Автопатот Миладиновци – Штип е патен правец кој повеќе од половина беше изграден во време на ВМРО-ДПМНЕ, автопатот Кичево – Охрид исто така беше оставен во напредна фаза на реализација, рече Арсовски и додаде:

„Сите останати зафати надвор од предвиденото што се правеа од оваа Влада на овие делници, како што пишуваа медиумите беа само дополнителен сомнеж за испумпување финансиски средства од дополнителната изградба. Ве молам да проследиме видео на кое може да се види во која фаза е оставен автопатот Миладиновци – Штип, пред ВМРО-ДПМНЕ да си замине од власта. Сега би ве замолил да го проследиме видеото од состојбата на автопатот Кичево – Охрид и во која фаза е оставен, пред ВМРО-ДПМНЕ исто така да си замине од власта. Како што можевте да видите пробиени и реализирани во напредна фаза и двете делници. Овие два автопати во вкупна должина од над 100 километри се најголемиот инфраструктурен зафат во независна Република Македонија и истите се започнати од ВМРО-ДПМНЕ. Заев може да лаже колку сака, бидејќи и друго не знае. Доказот дека Заев лаже го погледнавте на овие две видеа и самите. Нема што повеќе да говориме“.

За жал, подвлече тој, сега СДСМ нема ниту 50% реализација на капиталните инвестиции кои самите ги проектираа на почетокот на годината.

-За волја на вистината лажат и за експресните патишта. Се фалат со проекти на ВМРО-ДПМНЕ, дел со изработени физибилити студии, а дел и со почната изградба, а дел како патните правци, Ранковце – Крива Паланка, Градско – Прилеп и Штип – Кочани кои што исто така се од страна на ВМРО-ДПМНЕ се реализирани. Да се разбереме. СДСМ не гради 770 километри патна мрежа низ Македонија, СДСМ само ја доградува патната мрежа која беше однесена во напредна фаза на реализација од страна на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

„Голем број на проекти кои беа завршени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, како автопатот Демир Капија – Смоквица, со кој оваа власт се фалеше беше целосно готов и чекаше само на пуштање во употреба скоро цела година. Најверојатно не можеа цела година да најдат трубачи, музика за да го пуштат во употреба. СДСМ се неспособни, немаат капацитет и факт е дека паметот единствено им е во личниот интерес. Затоа, треба што побрзо да си заминат од власта, бидејќи граѓаните веќе ја изгубија довербата во нив“.