Економија 28.10.2019 16:24

Арсовски: Заев и Нина Ангеловска утре ќе ја задолжат Република Македонија за нови 41 милион евра

Арсовски: Заев и Нина Ангеловска утре ќе ја задолжат Република Македонија за нови 41 милион евра

Република Македонија во моментов ги доживува своите неславни мигови во економијата. Од врвот на листите за економија и бизнис каде што бевме пример за останатите држави, сега гледаме како тонеме од година во година, од месец во месец, од ден во ден. Граѓаните тоа најдобро го чувствуваат на свој грб. Додека земјата паѓа од 10 на 17 место на листата на „Дуинг Бизнис“, додека 500.000 граѓани живеат на работ на сиромаштијата, Зоран Заев и Нина Ангеловска утре ќе ја задолжат Република Македонија за нови 41 милион евра, изјави на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски кој додаде:

Ова е четврто задолжување и четврт проект воедно на Нина Ангеловска како министер за финансии откако е дојдена на функцијата. За само 3 месеци успеа да ја задолжи Република Македонија 200 милиони евра. Психолошката граница на задолжување одамна е помината. Затоа прашуваме, каде завршуваат овие милионски суми од задолжувањето, кога гледаме дека не е реализиран ниту еден единствен проект? Сите, целата јавност гледа дека половина од парите се покрадени од актуелните функционери владини преку наместени тендери и провизии.“

Арсовски потенцира дека сите економски параметри и индикатори одат надолу и државата тоне.

„Над 200 милиони задолжувања за 3 месеци, а целата економија оди во пропаст, компаниите едвај врзуваат крај со крај, а пак граѓаните безизлезната ситуација ја бараат во напуштањето на државата. Според последните анализи повеќе од половина граѓаните да имаат можност би ја напуштиле Република Македонија и иднината би си ја барале надвор. Нема студент кој својата иднина не ја гледа надвор од својата држава. Нивото на странски инвестиции е најниско до сега, нивото на капитални инвестиции е најниско во историјата, растот на БДП е далеку од очекуваното.“

-Заев како премиер јавно вели на телевизија дека давањето пари во плик од страна на работодавците е законски и нормално, а Нина Ангеловска молчи и срамежливо кажува дека се бори против сивата економија со скенирање на фискални, смешно. Ќе сноси ли некој конечно одговорност за сето ова што ни се случува на економски план? Ќе сноси ли некој одговорност за ова задолжување кое што се прави без план? Ќе сноси ли Заев одговорност кој ги храбри бизнисмените да даваат плата во плик велејќи дека е законски? Дали истото можеби го прави и фамилијата Заеви со нивните фирми и со нивните вработени? Затоа следи обнова на Македонија после 12 април и конечно ќе се стави крај на целиот овој хаос што ни се случува, подвлече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.