Мозаик 17.04.2018 23:36

Avast ќе биде досега најголемиот технолошки ИПО во Лондон!

Avast ќе биде досега најголемиот технолошки ИПО во Лондон!

Чешкиот производител на антивирусниот софтвер „Avast“ потврди дека има намера да ги пласира акциите на лондонската берза што ќе претставува првата најголема технолошка понуда на акции во историјата на оваа берза.

Според „Financial Times“, „Avast“ би можела да биде проценета во вредност од околу 4 милијарди долари, а тргувањето со оваа компанија се очекува да започне на почетокот на мај.

Извршниот директор на овој софтверски гигант, Винсент Штеклер изјави дека компанијата во изминативе 30 години прераснала во водечки производител на антивирусен софтвер, со корисничка база од 435 милиони луѓе во светот. Тој додаде, „оваа трансформација на нашата компанија се случува поради драстичното зголемување на бројот на компјутерски закани кои ги загрижуваат корисниците“.

Според неговите очекувања, пазарот на антивирусни производи на годишно ниво ќе расте за 10% и ќе постигне вредност од 21 милијарда долари до 2021-ва година. „Нашата голема база на корисници создава мрежни ефекти и предизвикува напредок на оваа заштитна програма“, се вели во соопштението.

Според изјавите на Штеклер, појавувањето на лондонската берза „природно се поклопува“ со плановите на компанијата. „Avast“ е под раководство на „CVC Capital Partners“, а од таа инвестициска компанија планираат да вметнат и уште неколку компании во кои поседуваат акции.

Освен „Avast“, на берзата би требало да се тргува и со акциите на шпанскиот производител на облека „Cortefiel“ и операторот на игри на среќа „Sky Bet“. Инаку, аналитичарите на овој пазар тврдат како неколку инвестициски куќи размислуваат вметнување на акциите кои ги поседуваат, бидеќи сметаат дека пазарните услови им одат од рака. Меѓутоа, Американскиот фонд „Carlyle“ и швајцарскиот трговец на нафта „Vitol“, оваа недела се откажале од излегувањето на берза вредно 2 милијарди евра. За откажување на плановите тие ги обвинуваат пазарните услови, пренесува „Financial Times“.

Најнови вести