Економија 09.02.2024 12:12

Австријците создаваат најмногу, а Романците најмалку смет во ЕУ

Австријците создаваат најмногу, а Романците најмалку смет во ЕУ

Во текот на 2022 година во ЕУ се создадени 513 килограми комунален отпад по глава на жител, што е за четири отсто или за 19 килограми помалку во споредба со претходната година, кога количеството на смет пер капита било 532 килограми.

Според податоците на Евростат, количеството на создаден комунален отпад по глава на жител значително се разликувал од земја до земја на ЕУ.

– Диспропорцијата меѓу земјите членки е одраз на разликите во потрошувачките навики, материјалното богатство и начините на собирање и управување со комуналниот отпад, оценува Евростат.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, меѓу земјите членки на ЕУ постои разлика и во однос на количеството на отпад собрано во производството, трговијата, јавната администрација и домаќинствата.

Така, најмногу смет во 2022 година создале Австријците и тоа 827 килограми по глава на жител, пред Данците со 787 и Луксембуржаните со 720 килограми смет пер капита.

Од друга страна, најмалку смет генерирале Романците и тоа 301 килограми по глава на жител, пред Полјаците со 364 и Естонците со 373 килограми отпад.

Кога станува збор за количеството на рециклиран смет, и тоа во 2022 година е намалено во споредба со претходната година. Според податоците на Евростат, во 2022-та биле рециклирани 249 килограми отпад по глава на жител. Во 2021 количеството на рециклиран смет во ЕУ пер капита изнесувало 264 килограми.

Австрија со 516 килограми по глава на жител е на водечката позиција и според количеството на рециклиран отпад, пред Данска со 411 и Германија со 409 килограми.

Романија и во ова рангирање е на дното на листата со 36 килограми рециклиран смет по глава на жител, пред Малта со 75 и Грција со 90 килограми. сп/Фото: Евростат .