Актуелно 06.12.2023 10:30

„Бехтел и Енка“ стигна до 190 милиони евра заработка, се чека да ги оправда

„Бехтел и Енка“ стигна до 190 милиони евра заработка, се чека да ги оправда

Според финансиската програма, до крајот на 2023 предвидено е на „Бехтел и Енка“ да му се исплатат вкупно околу 250 милиони евра за првата година од изградбата на автопатите од Коридорот 8 и Коридорот 10Д, а досега се исплатени околу 190 милиони евра.

Барем така покажува платформата на „Отворени финансии“, со последната исплата од буџетот, односно од Министерството за транспорт и врски, кое во текот на ноември за оваа намена на јавното претпријатие „Државни патишта“ му префрлило 223.596.680 денари, што е 3,66 милиони евра.

Претходно слични бројки биле трансферирани во октомври и август. Во јули пак беа дадени околу 7,3 милиони евра за носителот на проектот за изградба на четири автопатски делници. Ова се значително помали суми по стартните 117 и 53 милиони евра одобрени за „Бехтел и Енка“.

Останува до крајот на годината да се види дали конзорциумот ќе ги добие уште предвидените 60-тина милиони евра, иако засега нема такви сигнали, ниту официјални ниту неофицијални, дека нешто се работи на терен.

Затоа пак досега се испорачани шест трансакции за американско-турската градежна компанија. Официјално изведувачот со работа започна на 13 септември, а течеа и повиците со кои се бараа работници. „Бехтел и Енка“ започна со изградбата пред три месеци со минирањето над гостиварското село Дебреше за пробивање на трасата на автопатот Гостивар – Букојчани на Коридорот 8. Изведувачот овој проект го гради со директни финансии од буџетот.

„Бехтел и Енка“ за помалку од половина година заработи десет пати повеќе од кинески „Сино Хидро“, изведувачот на автопатот Кичево – Охрид. Ова го покажува извештајот на Јавното претпријатие „Државни патишта“ за првата половина од 2023.

До 1 јули за оваа година за реализација на автопатската делница Кичево – Охрид финансирана од кинеската Ексим Банка потрошени се 1,006 милијарди денари, или само 16,36 милиони евра, а до крајот на годината треба да биде одлучено дали ќе се продолжи рокот, или ќе се бара нов кредитор. ()