Актуелно 14.09.2023 13:25

Бектеши: Ќе има затворање на маркети, ако не поевтинат

Бектеши: Ќе има затворање на маркети, ако не поевтинат

Повеќе од 20 прехранбени производи ќе добијат пониска цена за 10 отсто. На ова се согласиле 8 најголеми трговски синџири на денешната средба, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Бектеши рече дека основа за намалување ќе биде една од цените кои биле актуелни во изминатиот период, а изборот на производи е направен според потрошувачката направена од Државниот завод за статистика.

Одлуката за намалување на цените ќе се донесе на владината седница во вторник, а од среда веќе пазарните инспектори ќе бидат на терен.

– Најголемите 8 трговски синџири во земјава прифатија да се намалат цените на прехранбените производи со што може да се донесе одлуката на Миистерството за економија за новите мерки во однос на цените – рече Бектеши на денешната прес-конференција по средбата со претставници на трговските синџири и претставници на коморите.

Тој рече дека маркетите стануваат сѐ повеќе општествено одговорни и очекува уште пред да биде донесена одлуката на Владата, да бидат намалени цените уште за време на викендот.

Компаниите ќе можат да организираат акција со намалени цени само за производи кои ќе бидат пред рокот на истекување со посебна назнака. Останатите производи нема да можат да бидат продавани по акциски цени.

Бектеши рече дека со оваа одлука потрошувачите нема да бидат измамени.

Ќе следуваат мерки на владата за производителите и дистрибутерите за нивните цени. Компаниите кои нема да се придржуваат на одлуката на владата ќе бидат казнувани според актуелните закони.

-Државниот пазарен испекторат работи според 80 закони во кои покрај другото има и глоби за одземање на стоки и роби, но на влада ќе биде одлучено по кои закони ќе бидат затворани трговски објекит кои нема да ги почитуваат. ние како инспекторат нема да бидеме селективни во одлучувањето околу казните, но како што видов трговците се подготвени да ја применат владината одлука – рече директорот на пазарниот инспекторат Горан Трајковски.

Бектеши најави дека набрзо ќе биде донесен и Законот за нефер трговско однесување со кој ќе бидат намалени дел од давачките на трговците, со што ќе се намалат дополнително цените на прехранбените производи.