Актуелно 28.09.2023 11:16

Бектеши: Поевтино јужно овошје ќе имаме оваа зима

Бектеши: Поевтино јужно овошје ќе имаме оваа зима

Министерот за економија, Крешник Бектеши, во емисијата „Студио 10“ претпладнево на ТВ24 рече дека е одлучено да се зголемат дозволените квоти за увоз на јужно овошје во Македонија со што очекува да се намалат цените на овие продукти во текот на годината.

„Зголемени се квотите за лимони, портокали, мандарини. Наместо 8.000 тони за јужно овошје, се зголемува за 2.000 тони до крајот на годината и зимоска ќе имаме пониски цени“, рече Бектеши во телевизиското гостување.

Министерот откри и дека ова утро од Владата е донесена одлука за намалување на царинските давачки при увоз на овошје и зеленчук, со што се очекува и тоа да влијае на цените дополнително како олеснување. Одлука со која царините за увоз на овошје и зеленчук од 65 отсто се намалуваат на 10 проценти денеска донела Владата.
„Утрово има намалување на царинските давачки за зеленчук и овошје и одлуката веднаш влегува во сила, освен за домати, краставици и пеперки. За овој зеленчук одлуката ќе влезе во сила од 1 декември“, наведе Бектеши.