Сообраќајните незгоди и трагедиите што секојдневно, во голем број, се случуваат на патиштата ширум земјава, како да не се доволни за да се разбуди свеста и одговорноста кај сите возачи. За жал, и покрај тоа што временските услови од ден на ден сѐ повеќе се влошуваат, што е нормално и очекувано за овој период од годината, сепак, голем број возачи не ја почитуваат законската обврска за носење и за користење зимска опрема.
Влажни и замрзнати коловози, поледица, голомразица, остатоци од кашест снег на коловозот, ниски температури, обилни и помалку обилни врнежи од снег. Тоа е реалноста во зима. Временски услови и состојба на патиштата сосема нормална и очекувана. Ваша обврска како возач е да го подготвите вашето возило и да се подготвите за безбедно учество во сообраќајот.
„Тешка сообраќајна незгода. Возило излетало од патот поради поголема брзина и лизгав коловоз“, „Заглавени возила на патот. Голем дел од возачите не користеле зимска опрема“, „Голем број изречени казни за неносење зимска опрема“ – се најчестите вести во делот на сообраќајна хроника што секојднево се објавуваат на електронските и на печатените медиуми во зимскиот период од годината. Но, наместо да се извлече поука и да се преземат конкретни дејствија, голем број возачи поминуваат покрај оваа вест како нешто сосема нормално. Ништо ново и ништо страшно, што би рекле самите тие.
Дали навистина не е страшно? Дали фактот што секојдневно гинат лица на патиштата, не е нешто страшно? Дали не се згрозувате од страшните глетки на искршени возила, од глетката на крв и солзи на патиштата? Дали полицискиот билтен и болничките извештаи за настрадани лица во сообраќајни незгоди навистина не ве загрижуваат?
Убедени сме дека нема човек кој не се замислува барем за момент кога ќе види и ќе слушне трагична вест за настрадани лица во сообраќајна незгода. Прашањето е, што преземате за да се заштитите? Дали обезбедивте зимска опрема за вашето возило? Користите ли зимски гуми?
Направивте ли превентивен технички преглед на вашето возило? Кога ќе го подготвите возилото за возење во зима? Сега, или ќе жалите цел живот зошто не сте го направиле тоа откако ќе се случи сообраќајна незгода?
Многу прашања чии одговори ги знаат сите возачи, но избираат да ги премолчат или да ги избегнат. Бегањето од одговорите, барањето изговори и оправдувања, никогаш и никому не донело ништо добро.И покрај тоа, голем број возачи, наместо да ја исполнат својата законска обврска за носење и за
користење зимска опрема, избираат да го решат проблемот со изговори.
Па така, секојдневно можеме да слушнеме изговори од типот: „Оваа година нема да има многу снег и поледици, па не морам да ги менувам гумите“, „Во зима не возам многу и не ми се прави трошок за набавка на зимска опрема“, „Скапи се зимските гуми, не давам пари за тоа“, „Ниедна зима не користам зимска опрема, па ништо не ми се случило“, „Летните гуми се супер, не ми требаат нови гуми“, „Не знам да местам синџири за снег и затоа не ги користам“, „Не ги сакам зимските гуми, многу се бучни“, „Ставам зимски гуми само на двете погонски тркала, тоа е доволно. Некои не ставаат воопшто“.
Многу изговори, малку решенија. Затоа РСБСП со препорака: Без изговори и без оправдувања. Крајно време е да се направи зимска подготовка на возилото. Користи зимска опрема и учествувај безбедно во сообраќајот. Изговорите не ги решаваат проблемите и не ги отстрануват опасностите.
Исполни ја својата законска обврска пред да биде доцна и избегни катастрофални последици. Во зима со зимска опрема! За безбедно патување. Биди одговорен возач!