Изминативе неколку дена, особено во текот на вечерта и во раните утрински часови, ниските зимски температури го земаат својот „данок“ на возилата и ѝм прават проблем на возачите.
Па така, после добро утро, најчестите муабети во овие зимски утра се: … не ми „запали“ колата, акумулаторот ми „цркна“, откажа електрониката, ми замрзнаа „кочниците“, ми загрева моторот на возилото, не ми работи парното во колата, смрзнав и не можам да ги одмрзнам стаклата, немам зимски гуми и др.
Ниските темперaтури значително влијaaт врз техничкaтa испрaвнoст нa вoзилoтo и тoкму зaтoa, собено кога температурите се во длабок минус, неoпхoдна е редовна техничкa прoверкa нa вoзилoтo. Но, и покрај тоа, дел од возачите, поради повеќе неоправдани причини, не прават редовна контрола и редовно одржување на возилото.
Најчести изговори за неодговорниот однос кон возилото, во овие зимски услови, се: „Добро е, ама немам време за такви работи“, „Добро е, ама не ми се даваат пари и за тоа“, „Ме мрзи“, „Што и да правиш – џабе е“, „Кога не ти е гаражирано возилото, ништо не помага“, „Автомобилот не е само мој, го вози и брат ми. Нека направи и тој еднаш сервис“, „Така требало да биде“ и многу други.
Многу изговори, многу неиздржани оправдувања, а исходот е само еден – проблеми со возилото и небезбедно учество во сообраќајот.
Токму затоа, РСБСП со апел: Без изговори и без оправдувња! Направете техничка проверка и подгответе го возилото за безбедно возење во зима. Согласно тоа, РСБСП препорачува:
• Проверете и заменете го маслото на моторот. Редовната замена на маслото значи и подобра работа на моторот на возилото, особено во зима и при ниски температури.
• Проверете го акумулаторот. Ладното време и ниските температури можат да го испразнат акумулаторот, особено ако паркирате надвор. Задолжително проверете го акумулатотот и доколку е слаб, сменете го на време за да се поштедите од несакани изненадувања.
• Проверете го антифризот. Кај поновите возила, антифризот трае до пет, па и повеќе години, но веќе после петтата година задолжително е да се направи сервис и промена. Кај постарите возила, задолжителен е сервис – да се испушти стариот и да се замени со нов антифриз.
• Проверете ги бришачите и течноста за бришачи. Основно правило за сигурност и подобра видливост на патот во зимски услови е – здрави бришачи и полн резервоар течност за бришачи што не замрзнува и до -30˚С.
• Проверете го притисокот на гумите. Притисокот на воздух во гумите секогаш треба да е соодветен со оној што е внесен во упатството за употреба на возилото. Не е точно тврдењето дека за замрзнат коловоз подобри се „помеки гуми“. Возењето во услови на снег и замрзнати коловози, со несоодветен притисок на воздух во гумите, може да биде опасно.
• Проверете ги сопирачките. Сопирачките се секогаш важни за безбедност во сообраќајот, но посебно се важни кога коловозот е лизгав. Проверувајте ги почесто, проверувајте ја и течноста за функционирање на системот за сопирање-глицеринот.
• Проверете ги фаровите и светлата. Фаровите (надворешниот стаклен дел) секогаш треба да се чисти, да не се покриени со кал и на нив да нема фатено мраз. Најдобар начин да ги заштитите од снег, од дожд или од вода, е да ги премачкате со восок.
• Проверете го парното. Парното е исклучително важно, не само за удобно патување, туку и за одмрзување на стаклата во возилото и за спречување на нивно замаглување.
• Исчистете го целиот снег од возилото. Возачите често го чистат само оној дел од возилото што ѝм е најпотребен, односно доволно за да можат да гледаат надвор. Тоа е многу лоша навика бидејќи освен тоа што тие треба да гледаат прегледно надвор од возилото, и другите возачи треба да имаат можност да го видат нивното возило – светлата, трепкачите, стоп светлата итн. Исто така, снежната покривка што останала на возилото, може да се разлета и привремено да го заслепи возачот кој доаѓа од спротивната насока.
Зимска опрема. Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема се применува од 15 ноември минатата година и ќе трае до 15 март 2019 година. Доколку сѐ уште не сте обезбедиле соодветна зимска опрема, направете го тоа веднаш. Комплетната зимска опрема за возилото е неопходна за безбедно движење и за успешно справување со несакани ситуации во зима. Покрај задолжителната зимска опрема (зимски гуми или ланци), препорачливо е во возилото секогаш да имате мала лопата, малку песок, стара крпа, метличка за чистење снег од стаклата, спреј за одмрзнување стакла и брави итн.
РСБСП: Биди одговорен возач. Направи техничка проверка на возилото. Без изговори!