Актуелно 12.12.2023 09:57

Бислимовски: ЕВН Хоме бара зголемување на цената на струјата за 10 отсто

Бислимовски: ЕВН Хоме бара зголемување на цената на струјата за 10 отсто

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, во денешното интервју за „Фактор“ открива дека ЕВН Хоме, како универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и потрошувачите, бара повисока цена за 10 отсто од 1 јануари. Пресметките допрва ќе следуваат и конечната одлука ќе биде донесена на крајот на годината. Бислимовски очекува новиот повик за универзален снабдувач од следната година да донесе помала профитна маржа, а со тоа и можност за поевтинување на струјата на регулираниот пазар.

Фактор: Клучните компании од енергетскиот сектор во овој период од годината ги доставуваат барањата за цената на електричната енергија. Колкави се нивните барања и дали според РКЕ тие се реални?

Бислимовски: Сите компании ги поднесоа барањата – МЕПСО, Електродистрибуција, МЕМО, а ЕВН Хоме тоа ќе го направи дополнително, откако ќе ја добиjат цената за мрежарината. Прва работа што ја гледаме и што ја знаеме е дека ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоме понуди цена од 57 евра, а претходно беше 53 евра, и следната година во првите шест месеци ќе обезбедува 95 отсто од потребите, а 5 отсто ќе се набавуваат по цени на слободен пазар кои се околу 140-150 евра по мегаватчас. Сето тоа има влијание на крајната цена за околу 10 отсто.

Кај МЕПСО и Електродистрибуција не можеме најконкретно да кажеме кои им се барањата. Следните денови ќе направиме симулација. Кога беше поднесено барањето за тендерот за загубите кај Електродистрибуција, тој не беше завршен и не знаеме колку побарале, а тендерот на МЕПСО за покривање на загубите ќе биде завршен во текот на оваа или следната недела. Јасно е дека имаат одредено зголемување на трошоците. Треба да се каже дека е зголемена цената на бакарот и има трошоци за зголемени плати. Има и зголемени инвестиции кај трите компании, што е добро. Сето тоа има влијание на крајната цена. Тоа значи дека кај мрежарините ќе бидеме попрецизни деновиве, откако ќе ја направиме симулацијата. Засега јасно е единствено дека на ЕВН Хоме барањето е за зголемување од 10-11 отсто.

Фактор: Загубите во мрежата на ЕВН Дистрибуција енормно скапо ги плаќаме, особено откако струјата значително поскапе на слободниот пазар. Дали тука има подобрување во однос на претходните години и очекувате ли конечно да се намалат трошоците, или пак уште повеќе да се зголемат?

Бислимовски: Кај ЕВН Електродистрибуција трошокот за покривање на загубите им е 100 евра за мегаватчас електрична енергија. Но за следната година струјата ќе им биде поскапа за 5 отсто, односно ќе ја купува за 105 евра по мегаватчас. На тендерот на Електродистрибуција за загуби, се јави ЕСМ и понуди 105 евра, наместо досегашните 100 евра. Значи имаме на повеќе позиции притисок над цената на електричната енергија.

Да се надеваме дека ќе се одржува оваа цена и дека ќе имаме ценовна стабилност, а она што радува како факт е тоа дека горе-доле и на берзите се стабилизираше цената – околу 120-130 евра за мегаватчас. Цената во 2024 ќе зависи и од влијанието на фотоволтаиците и тоа не само во Македонија, туку секаде во Европа. Се очекува од март-април заради голем број на инсталирани фотоволтаици тоа да влијае позитивно, да се зголеми понудата.

Фактор: Наскоро ќе има повик за нов петогодишен договор за универзален снабдувач кој ќе ги снабдува домаќинствата со електрична енергија. Во моментов тоа е ЕВН Хоме, чиј договор истекува. РКЕ веќе ги објави своите првични критериуми, а и Владата во повикот ги кажа своите. Што ќе има ново во однос на претходниот повик? Дали ќе се бара профитната маржа на универзалниот снабдувач да биде уште помала и за колку?

Бислимовски: На овој повик прво треба заинтересираните да достават писмена понуда, по што ќе се оди на електронска аукција, а добрата работа е што максималната профитна маржа што може да се понуди е сегашната – 11,5 проценти. Тоа е јасно дека ќе доведе до намалување на маржата и тоа е најбитната новина која што се воведува. Ако достави некој над таа маржа, нема да му се разгледува понудата. Од старт се знае дека ќе имаме намалување на маржата за универзалниот снабдувач и тоа ќе биде за период од пет години.

Фактор: Централата ТЕ-ТО произведува топлинска енергија, која важи за многу поевтина од онаа на топланите, но дали испораката е оптимална поради санирањето на топловодот на мостот „Беласица“?

Бислимовски: Ние во пресметките кои ги правевме за цената на топлинска енергија, бидејќи не можевме да чекаме да се направи штетата на мостот „Беласица“, јасно кажавме дека ТЕ-То ќе обезбеди некаде околу 65 до 70 проценти. Така што цел товар сега понатаму е кај ЕСМ. Ако не добива толку колку што треба топлинска енергија, која е далеку поевтина, тоа нема да оди на товар на потрошувачите, туку ќе оди на товар на компанијата. Значи, ние сметаме, согласно нашата одлука, дека „Беласица“ е во функција. Ние тој проблем го отворивме во април, сметам дека имаше доволно време да се работи на тоа. Ние што можевме направивме, чекавме доволно време да се донесе одлука и сега во нашите пресметки стои дека ТЕ-ТО си работи во највообичаениот режим на работа.

Фактор: Нафтводот Скопје – Солун доби лиценца за работа и можност да биде употребен по повеќе од една деценија. Дали очекувате да проработи наскоро? Има ли координација помеѓу македонската и грчката страна? Дали конечно ќе добиеме поевтина и поквалитетна нафта?

Бислимовски: Ние ја донесовме лиценцата и за да почне да работи, треба прво да се донесе план за работа , кој го носи Министерството за економија. Откако ќе го донесе, согласно нашата одлука, компанијата „Вардакс“ е обврзана да вработи дополнителен број на луѓе. Веќе сме известени дека тоа ќе се направи и е направено на нивни трошок. На крај, Владата по претходно мислење, ќе треба да ја одреди цената.

Јас очекувам прво да се намалат трошоците на компаниите за транспорт. Тоа е еден аспект. Втор аспект е заштитата на животната средина. Најголем дел од трговците, таму каде што има исплатливост, треба да ја користат оваа придобивка. Поентата е овој нафтовод да продолжи кон други соседни земји за еден ден да станеме транзитна земја низ која поминува продуктовод и да заработуваме дополнително од тоа.

Фактор: „Номагас“ го објави повикот за изградба на гасоводот на македонската страна што ќе доаѓа од Грција. Очекувате ли дека ќе има интерес кај македонските компании за неговата изградба и дали, според вас, може да има какви било препреки? Видовме дека Бугарија, наместо тоа, бара приоритет да му се даде на изградба на втор гасовод на македонско-бугарската граница.
Бислимовски: За овој гасовод што се прави, како прво ќе добиеме диверзификација на снабдување. Факт е тоа дека досега, во најголем дел, сме добивале само руски гас, но ни се појавија ризици. Во целиот овој период Бугарија воведе давачка која сега не знаат како да ја имплементираат. Но овој нафтовод ќе ни обезбеди да добиваме природен гас од Азербејџан, или од ЛНГ-терминалите, така да сигурноста ни се зголемува, а она што се знае е дека овој нафтовод ќе продолжи кон јужна Србија , што вчера и беше најавено од српскиот претседател Александар Вучиќ, а се планира тој да продолжи и во Косово. Тоа за нас ќе биде поевтино, ќе наплаќаме транзит и ќе може плус да добиваме водород. ()