Економија 15.12.2023 08:39

БИТИЌИ: Одлуката на Владата за ХЦ Чебрен на Црна Река ќе се ефектуира кога ќе се создадат услови и од тој момент почнуваат процедурите

БИТИЌИ: Одлуката на Владата за ХЦ Чебрен на Црна Река ќе се ефектуира кога ќе се создадат услови и од тој момент почнуваат процедурите

Се уште трае постапката за креирање заедничко друштво меѓу компанијата која го доби тендерот за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река и ЕСМ, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој објасни дека откако ќе биде формирана компанијата, од испланираните удели 67 наспроти 33 отсто, ќе почне постапката за доделување на правото на користење на вода, а потоа ќе се потпише договорот за концесија. Појаснувајќи ја постапката до потпишување договор за концесија, како одговор на новинарско прашање за тоа кога Владата и ЕСМ планираат да го потпишат договорот за Чебрен, Битиќи нагласи дека засега има само одлука на Влада.

– Одлуката на Влада ќе се ефектуира тогаш кога ќе се создадат условите, а во тој момент почнуваат процедурите, подвлече Битиќи.

Прашан за реакцијата на инженери кои сметаат дека изградбата на Чебрен по пат на јавно приватно партнерство е штетен и ја нарушува електроенергетската независност на државата, Битиќи рече дека процесот траел три години и оти биле вклучени сите можни инженери кои требало. Подвлече дека утре нема да се потпишува ништо, туку само ќе се затвори процесот на тендерирање.

Проектот за изградба на хидроцентралата Чебрен по пат на јавно – приватно партнерство, според Здружението на инженери, е штетен и со него се нарушува електроенергетската независност на земјава и се дава на управување воден ресурс кој е веројатно најзначаен во овој век. Здружението на инженери денеска поднесе претставка до надлежните институции за одлуката за концесија за хидроцентралата „Чебрен“.