Денешниот ден е еден чекор напред кон унапредување на нашите билатерални односи со Јапонија, бидејќи претставници на водечки јапонски компании се дојдени за да ја запознаат нашата земја и можностите за развој на нивните бизниси кои нашата држава ги нуди, изјави заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, по потпишувањето на Меморандум за соработка помеѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО), што се одржа денес Клубот на пратеници во Скопје.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека во текот на изминатите три децении, Северна Македонија и Јапонија одржуваа пријателски односи, но постои простор за нивно унапредување во делот на економската соработка.
„Сакаме да ја надминеме географската оддалеченост и да создадеме посилни економски врски. Ги претставивме можностите за инвестирање кои ги нудиме согласно законската регулатива, од финансиска поддршка за отворање на работни места и капитални инвестиции до поддршка за истражување и развој“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој посочи дека географската локација на Северна Македонија и нејзината близина до Европската Унија дава стратешки предности во делот на привлекувањето на нови странски инвестиции.
„Нашата држава е со стратешка локација, близина и пристап до единствениот пазар на ЕУ, а нашата легислатива е во голема мера усогласена со онаа на Европската Унија, на тоа во последниве неколку години засилено се работеше и се работи. Северна Македонија е посакувана дестинација како за јапонските, така и за други светски инвеститори. 2022 година беше година со рекордни странски инвестиции од 753,8 милиони евра, година на пост ковид кризата. Тоа е доволен показател за зрелоста на нашата економија и бизнис опкружување“, рече вицепремиерот Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи нагласи дека Северна Македонија не е повеќе земја на евтина работна сила, туку на странските инвеститори нуди високо квалификувани работници со достоинствени плати.
„Од друга страна пак, заштитени се и нашите граѓани, нашите работници, нашиот највреден капитал, човечкиот капитал. Бидејќи оваа држава од 2017 наваму веќе не е земја на евтина работна сила, туку земја на високо квалификувана, добро платена и конкурентна работна сила“, рече Битиќи.
Меморандумот го потпишаа директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски и директорот на ЏЕТРО од Виена, Татсуо Камино. Потпишувањето се направи во месец кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Јапонија и Северна Македонија. ()