Цената на струјата е субвенционирана со 84 отсто, а не со 91, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој порача дека ЕВН треба да ја смени табелата.
„Пресметките, она што го гледаме на сметките, е математичка корекција затоа што тоа не е реалната пресметка, таму е дадено само во делот како би изгледало субвенционирањето. Мислам дека ЕВН би требало да ја смени табелата, но во овој момент укажувам дека цената на електричната енергија е субвенционирана со 84 отсто од реалната цена. И ќе продолжи така до носењето на следната одлука“, рече Битиќи.
Одговарајќи на новинарски прашања, Битиќи рече дека некој во ЕВН треба да седне и да ја направи промената на процентите.
„Треба да се смени процентот за да им се укаже на граѓаните колку е реално субвенционирана. Таа што беше 91, велам треба да е 84. Разликата е 7 отсто затоа што производната цена на електричната енергија од ЕСМ е намалена наспроти тоа што било претходно“, вели Битиќи. ()