Економија 26.04.2018 12:44

Бизнисмените бараат поефикасна и побрза администрација

Бизнисмените бараат поефикасна и побрза администрација

Побрза и поефикасна администрација, да нема често менување на даночната регулатива и да се намалат казните, бараат бизнисмените од Управата за јавни приходи и од Царината.

 

Побрза и поефикасна администрација, да нема често менување на даночната регулатива и да се намалат казните. Ова се само дел од барањата на бизнисмените упатени до Управата за јавни приходи и Царината, како и до институциите кои најмногу се засегнати врз работењето на компаниите. Бараат и подобар однос на цариниците на граничните премини Табановце и Блаце.
Првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, рече дека најзначајни партнери на фирмите биле токму Царината и УЈП, и затоа требало да се гради партнерски однос.
– Брзината е значајна работа кај бизнисот, а кај администрацијата е спороста во работењето. Она на што треба да работиме во иднина е тие во својата работа да се приближат, рече претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.
Од УЈП велат дека се отворени за даночните обврзници, и дека се работи и на текстот за персоналниот данок кој ќе почне да се применува од 2019 за воведување на прогресивното оданочување, како и на активности за повратот на ДДВ кај граѓаните.
Од Царинската управа велат дека работат на олеснување на движењето на стоки на граничните премини, а примерот околу заедничко царинење со Србија, ќе го следат и со Албанија и со Косово.
Во меѓу време, велат, се подготвувал и нов закон за акцизи, кој ќе предвидува нов начин на пресметка при увозот на енергенсите.
Инаку, Стопанската комора ги додели и наградите на Комората за компании за реализирани инвестиции од минатата година.
Извор: Алфа