Актуелно 13.06.2019 12:14

Бизнисмените ја заобиколуваат Македонија: За една година, за десет пати се намалени странските инвестиции во Македонија

Бизнисмените ја заобиколуваат Македонија: За една година, за десет пати се намалени странските инвестиции во Македонија

Согласно последните објавени податоци на Народната банка, странските директни инвестиции бележат неколкукратен пад.

Статистиката вели дека во првиот квартал годинава тие изнесуваат 21.6 милиони евра, што во споредба со првиот квартал лани е за десет пати помала сума.

Ова е историски најслаб резултат во привлекување на странски инвестиции во последните десет години.

Иако владата најавуваше дека по промената на името ќе има наплив на странски инвеститори, а премиерот Зоран Заев дури и најавуваше 30-тина нови инвестиции, тие очигледно изостанаа па така државава со овие резултати е на самото дно во светски рамки по овој показател.

На 12 септември 2017 година во Отвореното студио на 24 вести премиерот Зоран Заев најави дека директно работи со Фејсбук и Гугл, и дека за разлика од Швајцарија и Ирска кои им бараат данок на добивка од 23 проценти, односно 19 проценти Заев им нуди данок на добивка од 3 проценти и дека истите ќе дојдат во Македонија со 30 милијарди евра добивка.

Три дена подоцна во Топ Тема Заев изјави дека е во напредна фаза на преговори со Фејсбук и Гугл, а на 19 септември имаше средба со господинот Коен еден од директорите на овие компании, по што изјави дека се поставиле добри основи за соработка и инвестирање во Македонија.

Останува неодговорено прашањето како премиерот Заев е задоволен од реализацијата на најавените инвестиции на Фејсбук и Гугл во Република Македонија, со оглед на тоа што се поминати речиси две години од овие најави за инвестиции.