Економија 27.11.2023 13:49

Благ пад на европските берзи на почетокот од седмичното тргување

Благ пад на европските берзи на почетокот од седмичното тргување

На европските берзи во понеделникот претпладнето се тргуваше претпазливо, при што цените на акциите беа малку пониски додека инвеститорите ги очекуваат вестите кои би можеле да ги насочат пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,1 отстот, лизгајќи се од највисокото ниво во последните девет недели. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,19 отсто, на 7.475 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,08 отсто, на 16.017 поени. Парискиот CAC зајакна, пак, за 0,09 отсто, на 7.300 поени.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот претпладневен пресек беше во минус за 0,4 отсто, губејќи дел од добивките од минатата недела. Претпладнево на токиската берза индексот Nikkei падна за 0,5 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Шангај, Хонконг и Австралија се лизнаа меѓу 0,1 и 0,8 отсто.

Откако пазарите силно пораснаа на почетокот на месецот, благодарение на верувањето на инвеститорите дека циклусот на покачување на каматните стапки во западните земји е завршен, тргувањето беше претпазливо последните денови, бидејќи економските показатели од регионот не се многу импресивни.

Заработката на кинеските индустриски компании се зголемила за 2,7 отсто на годишно ниво во октомври, трет месец по ред на раст, но значително побавно од претходните два месеца, кога скокнаа со двоцифрена стапка. Тоа покажува дека растот на кинеската економија е слаб и покрај стимулативните мерки на монетарните и фискалните власти. ()