Економија 06.06.2018 09:20

„Блумберг“: САД замолиле неколку земји од ОПЕК да го зголемат прозводството на нафта

„Блумберг“: САД замолиле неколку земји од ОПЕК да го зголемат прозводството на нафта

САД неофицијално се обратиле до Саудиска Арабија и уште неколку земји членки на ОПЕК со молба да го зголемат производството на нафта за еден милион барели дневно за да спречат раст на цената на бензинот, објави денеска „Блумберг“.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, САД тоа го направиле бидејќи цената на нафтените деривати во земјата достигнала тригодишен максимум.

Според изјави на соговорници на „Блумберг“, молбата од САД во саботата ја разгледувале министрите за енергетика на Саудиска Арабија, ОАЕ, Кувајт и Оман.  После средбата, министрите во заедничко коминике изјавиле за неопходност од нови инвестиции во нафтената индустрија во услови на зголемена побарувачка на нафтени деривати.

Американските законодавци во минатото го критикуваа ОПЕК, нафтен картел на земји-извознички на нафта, кога цената на горивата растеше до максимални граници.

– Затоа, мошне чудно е што Вашингтон бара од оваа организација зголемување на производството, пишува Блумберг.

Како резултат на дејствата на ОПЕК и преговорите со земјите набљудувачи како Русија, вишокот на нафта на светските пазари се исцрпи во последните неколку месеци што доведе до зголемување на цените за повеќе од 70 долари за барел.

Поради тоа учесниците во овие зделки сметаат на намалување на производствените квоти, спротивно на молбата на Вашингтон. Ова прашање треба да се разгледа на средбата на ОПЕК и земјите набљудувачи која треба да се одржи на 22-23 јуни.

Последни такви преговори за намалување на квотите се водеа помеѓу министрите за енергетика на Русија и Саудиска Арабија на Меѓународниот економски форум во Санкт-Петербург