Економија 16.07.2024 12:13

Богатите размислуваат да ја напуштат Франција

Богатите размислуваат да ја напуштат Франција

Некои од најбогатите жители на Франција веќе размислуваат да ја напуштат земјата загрижени поради можноста за зголемување на даноците и политичка нестабилност по неодамнешните парламентарни избори, пишува Bloomberg, повикувајќи се на менаџери кои управуваат со големи инвестициски фондови.

По изборите ниту еден политички блок нема мнозинство во парламентот, но најмногу пратенички места освои левичарскиот сојуз.

Неколку советници на богати инвеститори истакнуваат дека повеќе нивни клиенти се во паника и веќе почнале да го пренесуваат капиталот во странство. Повеќето се загрижени дека иако ниту крајната десница ниту крајната левица не победија на изборите, некои од предлозите за кампањата на партиите, како што се повисоките даноци, наскоро би можеле да станат закон.

„Имаме нови клиенти како високи директори кои се прашуваат што можат да направат за да се заштитат. По Брегзит, имаше прилив на банкари во Франција, но овие високи заработувачки ќе си заминат бидејќи не сакаат да плаќаат повеќе даноци“, вели Ксенија Лежандре, управен партнер на париската адвокатска фирма Хоган Ловелс.

Левичарскиот Нов народен фронт, кој освои најмногу места на изборите, вети дека ќе ги оданочи суперпрофитите на компаниите и повторно ќе воведе данок на богатство за богатите. Таквиот закон би бил во спротивност со политиките што ги воведе претседателот Емануел Макрон, кој се смета за попријателски настроен кон богатите, па дури и го доби прекарот „претседател на богатите“.

„Луѓето кои можат да заминат ќе си заминат ако се усвојат екстремни политики. Франција повеќе не би била привлечна за странците, а богатите би си заминале“, предвидува Емануел Анжелие, шеф на компанијата за управување со богатство Финансие Орион.

Некои богаташи почнаа да го преселуваат капиталот од Франција уште пред вториот круг на гласање, главно во земји како Швајцарија и Луксембург. Повеќето менаџери за богатство велат дека местата како Италија, Дубаи, Сингапур и САД се исто така меѓу дестинациите на кои голем дел од фрнцуски богаташи го насочуваат бизнисот.