Состојбата во НБРМ без гувернер, би била со сериозни негативни импликации, оцени актуелниот гувернер Димитар Богов. Тој рече дека се надева ќе биде постигнат договор со консензус за пред 21 мај, бидејќи, според него, некои надлежности му припаѓаат исклучиво само на гувернерот.
Првиот човек на НБРМ рече дека освен него и неговиот против – кандидат, Фатмир Бесими, има и други квалитетни луѓе за оваа позиција. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, изјави дека на владината седница не било дискутирано за оваа позиција.
Од политичките парти, досега со потенцијален кандидат излезе ДУИ. Станува збор за ексминистерот за економија и поранешен вицепремиер Фатмир Бесими. Веста за ТВ21 ја потврди пратеникот на оваа партија, Џеват Адеми. Од ДУИ рекоа дека нема да го поддржат предлогот на Иванов.
Од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се уште не се произнеле по ова прашање. Инаку, Богов беше избран за гувернер во март 2011 година со 62 гласа од ВМРО-ДПМНЕ.
На оваа позиција тој е веќе 7 години. Дали ќе се постигне консензус меѓу опозицијата и власта за назначување на гувернер, ќе се знае најдоцна до 21 мај кога завршува мандатот на Богов.