Економија 17.05.2018 10:51

Бугарија и Македонија во проект за интегриран енергетски пазар

Бугарија и Македонија во проект за интегриран енергетски пазар

Македонија и Бугарија ќе соработуваат во пилот проектот за интеграција на енергетските пазари меѓу членка на Европската унија и земја кандидат за членство, согласно Договорот за формирање на Енергетската заедница. Тоа е предвидено во проект-меморандумот меѓу бугарското Министерство за енергетика и македонското Министерство за економија за обединувањето на енергетските пазари „Ден однапред“, што бугарската Влада веќе го одобри, се наведува во соопштение на бугарската Влада.

Меморандумот има за цел да создаде еднаква правна и регулаторна основа за обединување на пазарите на електрична енергија „Ден однапред“, меѓу двете земји и тоа под недискриминирачки и правични услови.

Потпишувањето на меморандумот е елемент од заедничките напори за поврзување во енергетскиот сектор, создавање работни места и развој на конкурентен и интегриран енергетски пазар во регионот, целосно синхронизиран со континуираната политика на Бугарија за гарантирање на оддржливи и доволни енергетски испораки за Југоисточна Европа, се наведува во соопштението на бугарското Министерство за
енергетика.