Актуелно 25.09.2023 13:35

Царинската управа се подготвува за воспоставување оne–stop-shop и со Косово, на граничниот премин Блаце

Царинската управа се подготвува за воспоставување оne–stop-shop и со Косово, на граничниот премин Блаце

По Германија и Велика Британија, нашата земја во првото полугодие од годинава најмногу тргувала со Грција и со Србија. Ова го потврдуваат и податоците од Царинската управа – во јуни, јули и во август во пораст бил бројот на товарни возила што влегле и што излегле преку македонските граници, споредено со тој период лани.

Преку граничните премини кон јужниот сосед, во овие три месеци излегле 32.260 товарни возила (граничен премин Богородица) и 6.316 товарни возила (граничен премин Меџитлија).

Во трите летни месеци годинава има зголемување на излезот на товарни возила (40.774) и преку граничниот премин Табановце на македонско-српската граница, а и на влезот на товарни возила за околу 2.000. Раст на излезот и на влезот на товарни возила се забележува и на граничните премини Деве Баир, Ќафасан и Блаце, што е показател дека трговската размена со странство постојано се зголемува.

– Царинската управа значително инвестира во модернизација на граничното управување. Ова вклучува подобрување на инфраструктурата на граничните премини, поддржано со современи пристапи за забрзување на патничкиот и на товарниот проток. Заедничките гранични премини (оne –stop-shop) што ги воспоставивме со Србија на ГП Табановце и со Албанија на ГП Ќафасан, имаат значителен импакт врз скратувањето на времето на чекање на граничните премини и врз подобрувањето на перформансите на македонските компании – вели директорот на Царинската управа, Стефан Богоев.
Тој најавува дека Царинската управа се подготвува за воспоставување оne –stop-shop со Косово на граничниот премин Блаце, што ќе овозможи побрз проток на стоки и на луѓе, како дел од активностите што се спроведуваат за забрзување и за олеснување на трговијата.

– Граничниот премин Блаце е втор позначаен граничен премин на нашата северна граница, кој овозможува влез кон Косово и движења кон Албанија, Србија, Црна Гора и потоа кон Јадранското Море. Со неговата модернизација, придонесуваме за забрзување на трговијата и на транспортот, се зајакнува конкурентноста на македонските компании на меѓународниот пазар, се овозможува поддршка на легалната трговија, од една страна, и се подобруваат условите за ефикасно спречување нелегални активности на границата од друга страна – потенцираше Богоев.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – јули 2023 година, изнесува речиси 305 милијарди денари, што е повеќе за 3,7 проценти споредено со тој период лани. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – јули 2023 година, изнесува 396 милијарди денари, што е за 7,1 процент помалку во споредба со првото полугодие од 2022 година.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот, најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводниците за палење и слично, за возила, авиони или за бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или од нелегиран челик, неплатинирани или необложени.

Во увозот, најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивните легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородните метали во колоидна состојба; соединенијата, органски или неоргански, од благородните метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгамите од благородни метали.