Актуелно 24.07.2018 18:44

ЦЕФТА, ќе одлучува за спорните косовски царини

ЦЕФТА, ќе одлучува за спорните косовски царини

Косово да излезе од ЦЕФТА договорот. Ова е една од контра-мерките која што ќе ја бараат српските Власти на состанокот со земјите од регионот кој што ќе се одржи во среда. Следува откако Косово воведе дополнителна царина од 30 отсто за увоз на дваесетина земјоделски производи.

Српскиот министер за трговија и туризам Расим Љајиќ тврди дека не очекува од Приштина да ја повлече оваа вонцаринска бариера којашто важи за сите земји, а најголеми штети трпат Македонија и Босна и Херцеговина.

„Секако, нашиот притисок кон Европската комисија ќе биде перманентен бидејќи ваквото однесување мора да престане или Приштина да излезе формално од ЦЕФТА договорот. Мислам дека ова е фер, отколку на ваков начин да ги користат бенефитите, па кога ќе ви падне на ум, да воведете воцарински бариери кон партнерите“, рече Расим Љајиќ, Министер за трговија и туризам на Србија.

И додека српските власти ги подготвуваат контра-мерките, македонските власти веќе шести ден тактизираат дали и какви економски мерки евентуално ќе преземат против Косово? Од Министерството за земјоделство велат дека сè уште траат преговорите со властите во Приштина. Ќе се чека на исходот од состанокот во среда на земјите членки на ЦЕФТА каде што ќе биде побарано од Косово да ја повлече мерката. Доколку не се случи тоа, Македонија ќе донесе мерки за заштита на домашното производство.