На светските берзи цените на нафтата пораснаа и минатата недела, трет пат по ред, бидејќи трговците беа загрижени поради нарушување на понудата, а цените беа поддржани од слабеењето на доларот.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 1,8 отсто, на 79,87 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 2,1 отсто, на 75,42 долари.
Порастот на цените е главно резултат на нарушувања во понудата. Имено, во Либија минатата недела беа затворени неколку нафтени полиња поради политички протести. Шел, пак, го прекина товарењето на нигериската сурова нафта поради можни оштетувања на терминалот.
Снабдувањето од Либија се проценува дека е намалено за околу 370.000 барели дневно, а од Нигерија за 225.000 барели дневно, според аналитичарот на PVM, Џон Еванс.
Извозот на руска нафта, исто така, значително се намали, а доколку овој тренд продолжи следната недела, цените веројатно повторно ќе пораснат, особено ако се земе предвид дека Москва официјално планира да го намали извозот во август за 500.000 барели дневно, пишуваат аналитичарите на Комерцбанк.
На цената на нафтата позитивно влијаеше остриот пад на вредноста на доларот во однос на кошничката валути, на најниско ниво во последните 15 месеци. Тоа, всушност, ја поевтинува нафтата за купувачите во други валути, па во такви случаи се зголемува побарувачката за „црното злато“.