Економија 23.04.2018 20:24

Цeните на нафтата на највисоко ниво од крајот на 2014

Цeните на нафтата на највисоко ниво од крајот на 2014

Цените на нафтата на светските пазари се зголемија и минатата недела, втора седмица по ред, и се движат околу највисоките нивоа од крајот на 2014 година, откако Саудиска Арабија порача дека сака повисоки цени на „црното злато“.

На лондонската берза цената на барел минатата недела порасна за два отсто, на 74,05 долари, додека на американскиот пазар поскапе за 1,5 проценти на 68,40 долари.

Растот на цените на највисоки нивоа од ноември 2014 година најмногу е последица на пораките дека Саудиска Арабија сака раст на цените кон 80 па и 100 долари за барел, што е протолкувано како знак дека Ријад не сака да се менува договорот на ОПЕК за намалено производство, и покрај доближувањето до зацртаните цели.

Од јануари 2017 година ОПЕК и организацијата на независни произведувачи на чело со Русија го намалија производството за 1,8 милиони барели дневно со цел резервите да ги сведе на петогодишен просек и со тоа да ги поддржат цените, а извесно време се испраќаат пораки дека тој договор би требало да се продолжи и на следната година.

Саудискиот министер за нафта Калид ал-Фалих истакна дека ОПЕК и неговите сојузници се уште се далеку од зацртаната цел и дека треба да се продолжи со намалување на залихите.

– Дури и ако ОПЕК до следниот службен состанок во јуни ја оствари целта и ги намали залихите на петогодишен просек, Саудиска Арабија предводи силна иницијатива до понатамошно ограничување на снабдувањето заради урамнотежување (на пазарите) во 2018 година, сметаат аналитичари од инвестициската банка „Голдман Сакс“.

Меѓутоа, растот на цените на нафтата би можел да поттикне инфлација. Претседателот на САД Доналд Трамп го критикуваше ОПЕК кон крајот на минатата недела.

– Изгледа дека во ОПЕК повторно нешто изведуваат. Нафтата е насекаде, рекордни количини, вклучувајќи преполни бродови. Цените на нафтата вештачки се многу високи! Тоа не е добро и нема да се толерира, порача Трамп на Твитер.

САД не можат по законски пат да влијаат на цените на нафтата, можат само да продаваат стратешки залихи, што и го прават од време на време.

Но, повисоки цени на нафтата им одговараат и на американските производители, кои продолжуваат со зголемување на производството. Така компанијата „Бејкер Хјуџес“ соопшти дека минатата недела бројот на изворите во САД пораснал за уште пет, на вкупно 820, што е најголемо ниво од март 2015 година.

Во истиот период минатата година биле активни само околу 600 извори, што покажува дека на американските производители им одговараат овие нивоа на цените, па се одлучуваат на зголемено производство, а тоа ги нарушува настојувањата на ОПЕК да се намалу понудата на „црното злато“ на светските пазари.