Цените на нафтата паднаа во вторникот на меѓународните пазари, откако податоците покажаа дека кинеските увоз и извоз паднале повеќе од очекуваното во јули, што е уште еден показател за бавното закрепнување на најголемиот светски увозник на нафта по периодот на пандемијата на коронавирусот.
Цената на барелот нафта на лондонскиот пазар падна за 1,33 долари, на 84,01 долари, во однос на претходното затворање на тргувањето. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше по пониска цена од 1,23 долари во однос на претходниот трговски ден, по 80,71 долари.
Засебно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барел кошницата референтна нафта на нејзините членки во понеделникот поскапела за 27 центи на 88,25 долари.
Увозот на нафта во Кина се намалил во јули на месечна основа за 18,8 отсто и е со најниска дневна стапка од јануари годинава. Но, во однос на истиот месец лани е повисока, за 17 отсто. Севкупно, кинескиот увоз се намалил за 12,4 отсто во јули, многу повеќе од очекуваниот пад од 5 отсто. Извозот паднал за 14,5 отсто, наспроти падот од 12,5 отсто што го очекуваа аналитичарите.
И покрај тмурните податоци, некои аналитичари сè уште се позитивни во поглед на побарувачката на гориво во Кина во периодот од август до почетокот на октомври.
„Врвот на сезоната за градежните и производствените активности започнува во септември, а потрошувачката на бензини треба да биде поддржана од летната сезона на патувања“, вели аналитичарот на „CMC Markets“, Леон Ли. Тој очекува побарувачката постепено да се намалува по октомври.
На страната на понудата, Саудиска Арабија минатата седмица објави дека ќе го продолжи доброволното намалување на производството на нафта од еден милион барели дневно за уште еден месец, вклучувајќи го и септември, оставајќи ја отворена можноста за дополнителни намалувања на најголемиот светски извозник на нафта. Русија најави и дека во септември ќе го намали извозот на нафта за 300.000 барели дневно.
„Одлуката за продолжување на намалувањата до септември, и покрај порастот на фјучерсите во Лондон над 80 долари за барел, сугерира дека Ријад можеби цели на цена над 80 долари“, смета Вивек Дар од „Commonwealth Bank of Australia“.
Инвеститорите се фокусираат и на податоците за залихите на нафта и гориво во САД.